Трендафилов: Државата напредува во борбата против перењето пари, се чека првата судска пресуда

Од:

Во последните две години земјава бележи напредок во спречувањето на перењето пари и финансирањето тероризам, тврди првиот човек на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов.

Според него, во регионот Македонија е прва по постигнатите резултати, но на Управата ѝ претстои петтата евалуација од страна на комитетот „Манивол“, за што во следните две години со помош од Холандија и „Демокраси лаб“ ќе работи за зголемување на ефективноста на системот.

Директорот Трендафилов се надева дека во иднина во земјава ќе има пресуди за перење пари. Досега се поднесени поголем број кривични пријави за перење пари, а некои се во судска постапка.

– Мислам дека обвинителите кои ги застапуваат тие предмети ја имаат совладано доволно материјата. Сметам дека ќе бидат докажани и дека во иднина ќе имаме пресуди за перење пари, изјави денеска Трендафилов по конференцијата за зајакнување на капацитетите на Управата.

Досега, Управата има замрзнато поголема сума пари во Монако во случајот со Дијаверум, а директорот Трендафилов вели дека како институција учествуваат во сите предмети каде има обвинение за перење пари, без притоа да открие повеќе детали.

– Докажувањето на перење пари е многу сложен процес. Како институции изготвуваме извештаи и ги доставуваме до надлежните институции и понатаму се покренуваат постапки. Уште потешко за докажување е финансирањето тероризам бидејќи таму се работи за помали суми, вели Трендафилов.

Пред Управата претстои петтата евалуација, а дотогаш таа ќе користи искуства од Холандија која има воспоставено добра регулатива особено во делот на препознавање на сомнителни финансиски активности со крипто валути.

– Ако во 2016 година имавме најголемо назадување, во 2017 година бевме држава која заедно со Финсика има направено најголем напредок во спречувањето на перење пари и финансирање тероризам. Со помош на Демократија лаб и Холандската амбасада ќе работиме на зајакнување на капацитетите на Управата. Проектот ќе ни помогне многу да ги подобриме оценките и ефикасноста на системот, рече Трендафилов.

Проектот предвидува повеќе активности како што се промена на веб страната на Управата, студиска посета во Холандската управа, како и одржување на регионална конференција.

Би можело да ве интересира

Апсења за измама во Прилеп: Осомничените фиктивно вработувале бремени жени и переле пари

A1on

450 кандидати пријавени за 27 работни места во финансиската полиција