Здружението на граѓани „Транспаренси Интернешнал – Македонија“ бара од Владата и од Општина Охрид при носењето на програмите и стратегиите за развој на туризмот како и при носење и усвојување на урбанистичките планови на Охрид да ги почитуват препораките на УНЕСКО за умерен урбанистички развој на градот, како и прекин на практиката легислативата да се менува согласно потребите.
Реакцијата на „Транспаренси Интернешнал“ се однесува на владиното соопштение од 7. март, а во врска со изградбата на хотел во населбата Лагадин на источното крајбрежје на Охридското Езеро, во кое се посочува дека решението во врска со оспоруваниот објект може да се очекува од одредбите на новиот Предлог-закон за урбанистичко планирање што е во собраниска постапка.
Од „Транспаренси Интернешнал“ бараат да се прекине практиката законите да се менуваат согласно потребите, бидејќи сметаат дека на тој начин се востановува правна несигурност на граѓаните на Република Северна Македонија.
-Во правец на најавите за носење нови законски решенија предвидени во Предлог – Законот за измена и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој што е предвидено да се донесе во скратена постапка, апелираме да не се усвојат решенија со кои ќе се овозможи легализација или продолжување на градба на објекти за кои е утврдено дека постојат неправилности и прекршување на повеќе постапки при носењето на општите акти за градба и при давањето на одобренија за конкретни објекти, како и за објекти што се наоѓаат во заштитениот појас на езерото, каде согласно Законот за води е забрането градење на градби кои би можеле да штетат на водотекот и коритото на езерото, се наведува во реакцијата на „Транспаренси Интернешнал – Македонија“.
Од „Транспаренси Интернешнал Македонија“ потсетуваат на практиката кога за изградба на проектот „Скопје 2014“ неколку закони претрпеа повеќе измени и дополнувања, наменски за потребите за реализација на тој проект, меѓу кои Законот за градење што претрпе дури 21 измена и дополнување во периодот од 2009 до 2015 година, потоа Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културното наследство, а беа донесени и спорни одлуки на тогашната Влада на Република Македонија.
-Да не се дозволи повторување на таквата пракса на носење законски решенија со кои централната власт ќе оствари влијание во урбаните политики на градот Охрид за остварување на интересите на поединци за сметка општото добро на жителите на градот и на штета на граѓаните на Република Северна Македонија, стои во реакцијата на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“.