Здравјето на граѓаните, јавната чистота, чистата вода за пиење и заштитата на животната средина ќе бидат приоритети за идната локална власт во Делчево предводена од СДСМ и коалицијата.
Ова денеска на прес-конференција го истакна кандидатот за градоначалник од СДСМ Горан Трајковски.
– Додека за ВМРО-ДПМНЕ изминативе осум години колку што ја имаа локалната власт во Делчево, приоритет беше набавка на службени возила за потребите на директорите на ЈПКД и градоначалниците на Делчево, мој приоритет ќе биде да има доволен број канти за селектрање отпад, редовно собирање на ѓубрето и обнова на старите дотрени возила за собирање смет, се до конечна имплементација на регионалната стратегија за справување со отпадот, рече Трајковски.
Тој вети дека доколку ја добие довербата на 15 октомври, ќе го направи Делчево чист град за живеење и дека наместо со трактори отпадот ќе се собира со современи возила.
– Навремено и целосно собирање на отпадот ќе биде приоритет на ЈПКД, а ќе го обновиме и возниот парк, ќе ги уредуваме зелените површини, посебно пред јавните претпријатија и училиштата и хортикултурно ќе ги уредиме запуштените површини низ Делчево. Мој приоритет ќе биде и решавање на проблемот со кучињата скитници за што досега локалната власт не направи ништо, а институциите си ја префрлаа одговорноста едни на други. Руралните средини се соочуваат со уште поголем проблем, недоволен број садови за отпад и нередовно собирање на отпадот. Тоа по 15 октомври во Делчево ќе биде минато, истакна Трајковски.
Трајковски, денеска го повика на ТВ дуел кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Иван Соколов со цел, како што истакна, да видат граѓаните што ќе бираат на 15 октомври.