Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, коалициски партнер на Груевски, поднесе Предлог на закон за измена и дополнување на Изборниот законик.
Тој предлага пропорционален изборен модел, а Република Македонија да биде една изборна единица.
„Со промените ќе се обезбеди состав на Парламентот кој ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, но и во голема мера ќе се стеснат можностите за кршење на изборните правила, како и друг вид нерегуларности нотирани во сите извештаи на ОБСЕ и ОДИХР, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
Според партијата, Република Македонија запаѓа во длабоки политички кризи, покрај другото кои се и поради изборниот модел, односно поделбата на Македонија на 6 изборни единици, со кои се обезбедува доминација на една политичка партија, која во пракса воспоставува “еднопартиски систем“, суспендирајќи ги законодавната и судската власт, без механизми за контрола и одговорност на извршната власт.
„Доколку Македонија биде една изборна единица повеќе партии ќе бидат застапени во Собранието, при што неминовно ќе биде потребна соработка и коалицирање при практицирање на власта, но пред сè ќе јакне одговорноста во одлучувањето и владеење на правото“, стои во соопштението на ДС.