Трајанов бара собраниска седница за актуелната политичка ситуација

Од:

Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов побара од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да закаже собраниска седница на која ќе се расправа за актуелната политичка состојба во државата.

– Во последниот месец се презентирани бројни информации, аудио и видео снимки, како и други материјали за кршење на основните човекови права, за кршење на Уставот и законите, како и за употреба (злоупотреба) на системите за прислушување и слично. Сето тоа во голема мера придонесе политичките и вкупните состојби во Република Македонија да навлезат во длабока политичка криза, која има негативен одраз врз функционирањето на Владата, министерствата, како и создавање недоверба во другите државни институции и органи, Јавното обвинителство, Судот и слично, се вели во писмото испратено до Вељаноски.

Според Трајанов, преку јавната презентација на аудио снимките, на некои од министрите и функционерите сериозно им е нарушен кредибилитетот и интегритетот поради изнесените информации за нивна „вклученост“ во кршење на изборните правила, влијанието врз правосудните институции, медиумите, бизнисмените…..

– Посебно загрижува фактот што во последно време се објавуваат видео снимки од преземени Посебни истражни мерки (ПИМ), а отсуството на реакција на надлежните државни органи создава основана претпоставка дека тие ги објавуваат, додека на прес – конференции се објавуваат приватни разговори со кои во голема мерка е нарушена приватноста на граѓаните, вели Трајанов.

Собранието на Република Македонија, се наведува во писмото, има законска обврска да расправа за преземените ПИМ и се додава дека Јавниот обвинител треба до Собранието да достави извештај за ПИМ преземени во претходната година. Трајанов бара да се направат напори да се оформат и собраниските комисии за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебните истражни мерки, кои сега  не функционираат поради отсуство на пратениците од СДСМ и од другите опозициски партии.

– Сведоци сме на своевидна политичка војна помеѓу партиите, во која се користат сите можни „оружја“. Притоа, посебно загрижува состојбата со медиумите, во која, некои од нив, исклучиво се насочени кон психолошко-пропагандни активности во функција на манипулација врз граѓаните. Вистината тешко стигнува до јавноста, а како резултат на тоа, владее тотална конфузија, несигурност и недоверба во државните институции, посебно во работата на правосудните органи, се вели во писмото. Тој предлага Вељаноски да направи се што е во негова моќ да се вклучат во работата на Собранието и пратениците од СДСМ и другите опозициски партии.

– Длабоко сум уверен дека само со политички дијалог и со отворена, содржајна и транспарентна расправа, Собранието може и мора активно да влијае во смирувањето на постојните политичките тензии, во обезбедувањето услови за функционирање на институциите и во нормалното одвивање на животот на граѓаните, нагласува Трајанов во писмото испратено до претседателот на Собранието.

Би можело да ве интересира

ДС: Во прва фаза поминаа законите за една изборна единица и за формирање Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал

Ана Ололовска

ДС: Идејата за широка коалициска Влада ќе доживе колапс, треба да се одржат предвремени парламентарни избори

Ана Ололовска

Павле Трајанов: Се отвора расправа за една Изборна единица

Ана Ололовска

Павле Трајанов: Со една изборна единица ќе зајакнат демократијата и одговорноста

Ана Ололовска

Демократски сојуз: Со законите кои ги предлага Владата ќе се легализира грабежот

Горан Наумовски

Демократски сојуз: Оставка на членовите на Републичкиот судски освет

Катерина Ѓуровски