Јавното обвинителство на прес-конференција ги објави деталите по апсењето на ексградоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба, а дел од групата од 15 лица се сомничат и за перење пари за проектот „Скопје 2014“.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе информира дека во предметот „Феникс“ на ОЈО ГОКК од проектот „Скопје 2014“ се спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои освен македонски државјани, има еден државјанин на Италија и три италијански правни лица.
Истрагата опфаќа и поранешен министер за култура и двајца градоначалници на Центар, како и Зоран Ставревски и Никола Груевски, во тоа време премиер и министер за финансии.
-Произлезе основано сомнение дека од втората половина на 2007 година па до крајот на 2013, првоосомничениеот како претседател на Влада и претседател на тогашна политичка партија на власт заедно со своите најблиски соработници, заменик-претседател на Влада и министер за финансии, како и тогашен претседател на советот на општина Центар и градоначалникот на општина Центар, се поврзале со цел остварување политичка и финансиска корист. За проектот 2014 не постои писмен документ, програма, одлука од надлежен државен орган, рече Лапе.
За градоначалниците Тодоровиќ и Аларова, посочи дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
„Петто и шесто осомничените како градоначалници на Центар, четврто осомничениот како претседател на Советот на Центар, при вршењето на јавни набавки, спровеле незаконски јавни набавки. При изборот прифатиле понуди со нереални цени. Осомничените лица одбрале леарница, која самостојно не ги исполнувала условите, а биле исфрлени другите понуди за леење на спомениците. осмоосомничен е италијански државјанин, кој ја дал понудата иако немал фирма за дејност леење. Со поддоговори сумата била пренесувана на други леарници со пониски цени, а прикажувал дека тој леел. Голем дел од оваа сума се враќала во Македонија и била подигнувана во готовина а потоа префрлувана на сметките на други правни лица. Текот на парите бил прикриван со конверзија“, додаде Лапе.
Плаќањата одат од општина Центар кон италијанските правни лица и тие одат на рати. Треба да бараме која е последната исплата од Македонија кон Италија. Колку ќе чекаме до обвинение не зависи само од обвинителот. Треба да се дополни истрагата, но и во странство. Се надевам дека обвинението ќе биде брзо, појасни Лапе.
Групата во подолг период користејќи го проектот Скопје 2014 набавувале споменици од фирма во Фиренца Италија, но и переле пари преку фиктивни фактури, велат од Обвинителство.
Парите се префрлале во неколку наврати. Така на пример во една прилика од Италија во Македонија пренеле валкани пари над 170 000 евра. Биле подигнати во готовина и предадени на еден од осомничените. Од 2009 до 2010 од Фиренца преку друга странска држава по основ на фиктивни фактури за консултански услуги префрлиле 327.850 евра. Според обвинителството сумата достигнува над 16 милиони евра.
Преку Министерството за култура и третоосомничената, според функцијата во тоа време ја извршува Елизабета Канческа-Милевска, се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици, под изговор дека се спомен-обележја од локално значење за жителите на општина Центар.
-Незаконски префрлиле на сметка на општина Центар 3 милијарди и 547 390 илјади денари. Со цел да се прикажат дека е проект на општината, градоначалникот на општината ги прифатил средствата, рече меѓу другото Лапе.
Како што кажаа од обвинителството случајот се однесува на перење пари преку изработени споменици од исто правно лице во Италија. Станува збор за 11 споменици, еден од тие е Воин на Коњ и други десет споменици, кои се изработени од правно лице од Италија – Лавови, Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Ченто, Цар Самоил, Јустинијан, Гемиџии, Основачи на ВМРО-ДПМНЕ“ кои се во сопственост на Општина Центар како меморијални споменици.
Истрагата е се уште во тек. Дел од осмоничените се приведени, како Владимир Тодоровиќ, екс градоначалник на Центар и газда на ланецот маркети „Тинекс“, поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев, потоа Тодор Делјановски, Игор Секуловски и Љупчо Бакев.
-Имавме сомневања дека ќе ја напуштат државата и така постапивме. Кога добивме известување дека еден од осомничените ја напушта Македонија, беше иницирана истрагата. Против четири лица веќе се постапува. Во текот на денот ќе има подетални информации, прецизира јавниот обвинител.
За дел од осомничените кои се приведени се бара притвор, за дел мерки за обезбедување, велат од Обвинителството. Превземени се и други мерки како замрзнат имот, вклучувајќи и удели во странски компании, извршени се и повеќе претреси.