Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Геронтолошки завод „13 Ноември“ каде се одвиваат градежните работи за реконструкција на таа здравствена установа.
– Ова е еден инвестициски зафат вреден околу 50 милиони денари. Досега се реконструирани и целосно се завршени вториот и третиот кат. Реконстукцијата во здравствените установи е специфична работа и се реконструира кат по кат. Како се реконструира едниот кат се префрлаат пациентите од другиот кат, така додека не се реконструира целиот простор. Ова претставува еден сложен зафат, изјави Тодоров.
Имајќи предвид, посочи тој, дека претходно ваков зафат во оваа институција не бил направен ова беше повеќе од потребно, за што сведочат и пациентите кои претходно биле сместени во услови кои биле под квалитетно ниво за сместување, а сега се на еден многу повисок стандард во двокреветни соби, со тоалет, со сите услови во собата.
– Има и еден дневен центар каде пациентите можат да гледаат телевизија, можеби некои друштвени игри со што се води аспект и за нивниот социјален живот. Пациентите во оваа здравствена институција престојуваат подолг временски период и во таа насока мораме да водиме сметка и за овој социјален аспект на функционирањето на оваа институција, истакна Тодоров.
Тој нагласи дека динамиката со која се изведуваат работите во Геронтолошкиот завод е задоволителна. – Онака како што е договорено, до крајот на февруари ќе можеме целосно да го затвориме овој градежен зафат и целата зграда да биде комплетно реновирана – сите катови, како и целосно реновирање на подрумот и кујната која беше во лоша состојба, додаде министерот Тодоров.
Директорката на Геронтолошки завод „13 Ноември“, Ленче Нелоска рече дека зградата на оваа здравствена установа е направена на почетокот на 80-тите години и оти ова е прво сериозно реновирање и тоа е направено темелно, целата инфраструктура во поглед на електрика, водовод, одвод, санитарни чворови, целата столарија.
Таа посочи дека иако парното на вториот кат, каде што се работеше, е искучено сепак внатре е топло, што значи, како што рече, тоа ќе придонесе да правиме и заштеди во однос на греењето.
– Условите се неспоредливи. Условите кои претходно просторот ги даваше беа под секаков стандард. Сега можеме да се пофалиме со навистина висок стандард на сместување на овие пациенти што е многу битно затоа што ние сме единствена установа да долготраен престој во земјава. Значи не остануваат кај нас пациентите два три дена туку понекогаш со месеци, а некои и години, рече Нелоска.
Потенцира дека вкупно во Геронтолошки завод „13 Ноември“ и со Одделот во Битола имаат 470 пациенти.
– Сега капацитетот за нијанса ќе се намали заради зголемениот стандард. Значи претходно имавме петкреветни, шесткреветни соби, сега веќе тоа не постои, имаме само двокреветни и трокреветни соби, додаде Нелоска.