Министерот за здравство Никола Тодоров попладнево најостро го осуди инцидентот, кој се случи изутрината во Одделението за дигестивна хирургија во Клиничкиот центар каде имало пукање од огнено оружје, при што е повреден еден лекар.
Посочи дека станува збор за криминален чин на напад врз доктор за време на вршење на службена должност.
– Ова е чин без оправдување. Недозволиво е, би рекол дури и крајно примитивно да се загрозува животот на оној, кој се бори за твојот живот или за животот на твојот близок. Ова е криминален чин, кој треба да се казни, сторителите да се изведат и да одговараат пред закон за тоа што го сториле. Ова е кривично дело, рече Тодоров.
Потенцира дека по барање на Лекарската комора и докторите, појасни, пред определено време извршивме измена на Законот за здравствена заштита во која се внесе нападот на лекар да се смета како напад на службено лице во вршење на должност. За ова, нагласи, е предвидена казна затвор од една до 10 години.
– Органите на прогонот во рамки на нивните надлежности треба да го расчистат случајот и виновниците да ги изведат да одговараат пред лицето на правдата. Здравствениот систем во една држава е систем на лекари, на здравствени работници и на пациенти. Системот не може, не смее и нема да биде поткопан од кој било неодговорен чинител. Не смееме да дозволиме целиот здравствен систем да биде поткопан затоа што постојат чинители кои се спремни на еден нехуман, нецивилизиран начин да посегнат по живот или здравје на еден лекар, рече Тодоров.
Според него, лекарот и да згреши за тоа има институции, не смее никој да зема правда во свои раце, а уште повеќе не смее да се посегнува по животот на лекарот, кој се борел да го спаси животот на пациентот како што тоа било во оваа ситуација.
По повод инцидентот на Клиниката за дигестивна хирургија министерот Тодоров одржа состанок со потпретседателот на Лекарската комора, Ленче Нелоска, со директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Aлександар Караѓозов, лекари од Клиниката, директорката на Службата за општи и заеднички работи на клиниките, Шкодране Дардишта, шефот на обезбедувањето на Клиничкиот центар.
– Она што го договориме на краток рок денеска е да се затворат сите останати влезови на хирургија освен двата влеза-влезот на Ургентниот центар и влезот од задната страна од кај Стоматологија и да има строго контролиран влез. Разговаравме и со надлежните за спроведување на истрагата. Од наша страна е побарано да има посериозно обезбедување, барем во наредните денови на целиот овој комплекс со цел да нема нов несакан случај, рече Тодоров.
Караѓозов го осуди инцидентот, нарекувајќи го варварски чин.