Тодоров: Намалените критериуми на тендерот не се во поглед на квалитетот на инсулин, туку за поголема конкуренција

Од:

Не станува збор за намалување на критериумите во поглед на квалитетот на инсулин на последниот тендер. Станува збор за овозможување преку намалени критериуми на поголема конкуренција односно овозможување поголем број економски оператори или компании да учествуваат на тендерот.

Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се намалени критериумите при последниот тендер за инсулин што би влијаело на неговиот квалитет.

– На минатиот тендер сме барале GMP сертификат, сега тој не е потребен бидејќи мора да го донесе секој оној кој сака да регистрира лек во Република Македонија. Нема потреба да го бараш во тендер бидејќи не може никој да продава или да врши промет со лекови во Република Македонија без да има таков сертификат, посочи Тодоров пред почетокот на симулациската вежба „Сообраќајна несреќа со поголем број повредени“ во Градскиот парк на која учествуваше.

Потенцира дека во некои медиуми било објавено дека со намалување на критериумите се местел тендерот за некој оператор.

– Со намалување на критериумите само се овозможува поголема конкуренција. Комплетно спротивно од тоа што се претставува и тоа е една ревносна стратегија, да се претстави дека се мести тендерот за некого во услови кога се намалуваат критериумите со цел поголем број компании да учествуваат, да има повисоко ниво на конкуренција и да го добие тендерот оној кој ќе обезбеди најдобар квалитет по најниска цена, рече Тодоров.

По овие критериуми, нагласи министерот, ги распишуваме и сите претходни тендери, посебно ќе го нагласам тендерот со кој се овозможи и паралелен увоз на лекови преку кој јавното здравство заштеди за една година 360 милиони денари (околу шест милиони евра).

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека во Република Македонија огромен процент (80 отсто) од лицата кои се инсулинозависни примаат најсовремен инсулин во светот односно аналог инсулин.

– На пример во други држави ако се направи компарација ќе се види дека тој процент е многу понизок некаде и двојно помал. Некогаш станува збор и за многу побогати земји од Македонија каде процентот на аналози е многу помал во однос на хуманите инсулини. Во оваа ситуција практично немаме замена на аналог на најквалитетен инсулин со хуман инсулин туку имаме замена на еден аналог инсулин со друг аналог. Едниот е од данска компанија, а другиот е од компанија од САД, појасни Тодоров.

Истакна дека станува збор за исклучително квалитетни инсулини кои ги има и заболените од дијабетес во инсулинските аптеки подигнуваат инсулин кој им е потребен.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Република Македонија нема недостиг од инсулин.

– Тие што се инсулинозависни добиваат инсулин и тоа исто така аналог квалитетен од компанија од САД, една од трите најголеми компании за производство на инсулин во светот, додаде Тодоров.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски