Министерот за здравство Никола Тодоров денеска изјави дека демократско право на невладините организации е тие да поднесат барање за уставна оценка на Предлог-законот за прекинување бременост, кој денеска беше донесен од страна на Собранието.
Невладините организации, кои дененеска протестираа пред Собранието најавија дека за законот ќе поднесат претставка до претседателот Ѓорге Иванов, како и барање за оценка на уставноста.
– Ги почитувам невладините организации во борбата за нивните ставови. Тоа е нивно врвно демократско право. И како човек и како правник не можам да се спротиставам ниту сакам да помислам дека некој треба да се спротистави да се поднесе барање до Уставниот суд за тој да одлучува дали определен закон е уставен или не, изјави Тодоров.
Тој денеска уште еднаш во изјава за медиумите ги образложи амандманите на Предлог-законот. Меѓудругото истакна дека новина е што од денот на советувањето до моментот на закажувањето на абортусот треба да поминат три дена. Посочи дека новиот и претходниот закон имаат исти одредби за абортирање повеќе од еднаш.