Тодоров: Болницата во Кавадарци ќе стане сериозен ургентен центар

Од:

 Општата болница од Кавадарци ќе стане сериозен ургентен центар, најави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети таа јавна здравствена установа.

Тој информираше за новата опрема која ќе ја добие болницата во вредност од околу 900 илјади евра. Општата болница во Кавадарци, посочи, ќе добие нов компјутерски томограф, со што за неколку скалила ќе го подигне нивото на јавната здравствена установа.

– Никогаш порано овде немало такво нешто. Со неговата набавка, Кавадарци ќе стане центар во овој дел на државата, каде ќе се изведува оваа дијагностичка процедура, која е од исклучително големо значење, рече Тодоров.

Истакна дека со менаџментот на болницата, докторите и началниците на одделенијата, разговарале за функционирањето на јавната здравствена установа, за можната локација каде што ќе биде сместен компјутерскиот томограф, а било разгледано кои се активности треба да бидат преземени од страна на менаџментот на болницата, со цел да се остварат сите претпоставки за негова инсталација.

На еден начин, појасни, тоа ќе овозможи брза реакција на здравствените работници и брз пристап на пациентите до компјутерскиот томограф.

– Ова е особено важно, затоа што при сите итни случаи од сообраќајки или мозочни удари, има потреба од ваков тип на дијагностика. Практично ќе добиеме еден сериозен ургентен центар, бидејќи договоривме покрај компјутерскиот томограф, да се направат и интернистичка и хируршка интензивна нега, да се отпочне со проект за воведување на централни медицински гасови. Со тоа комплетно ќе се подигне нивото на целата болница и услугите кои ќе се даваат во неа, нагласи министерот.

Потенцира дека станува збор за сериозен износ на финансиски средства кои ќе бидат вложени. Според него, сето тоа ќе значи сериозно подигнување на квалитетот на установата, имајќи предвид дека ќе се набават апарати кои досега ги немало, а за кои има сериозна потреба.

Би можело да ве интересира

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството

ВЛЕН: Здравството во нашата земја е разбудено од „клиничката смрт“

Интервју со проф. д-р Светозар Антовиќ: Првиот симпозиум на MAAS ќе биде историски настан за нашата хируршка заедница

Таравари признава дека има мито во здравството, повика граѓаните да пријавуваат

Катерина Ѓуровски