Со Предлог-законот за прекинување на бременост воопшто не се забранува абортусот во Македонија, ниту на кој било начин се ограничува правото на избор на жената. Абортусот останува право на жената. Слободно жената одбира дали ќе абортира или нема да абортира. Абортусот може да се ограничи само во случај кога има определени причини кои се медицински за загрозување на здравјето на жената која е бремена. Она што се менува со Предлог-законот се само некои идеолошки одредби.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека Предлог-законот во најголема мерка е идентичен со оној кој и досега беше во сила во последните 37 години во Македонија.
– Она што се менува со Предлог-законот се само некои идеолошки одредби кои постоеја во постојниот закон, како што се на пример организација на здружен труд, основна организација на здружен труд кои беа во законот, а сега се менуваат со јавна здравствена установа. Се регулира дека абортусот како процедура да се изведе само во болничка установа, значи не ограничуваме јавна или приватна, меѓутоа мора да биде во болничка установа за да се заштити здравјето на жената и да не се овозможи загрозување на животот или репродуктивното здравје на жената. Тоа се постулатите на кои почива Предлог-законот, истакна Тодоров.
Генерално со овој Предлог-закон, укажа тој, Република Македонија останува во земјите кои на многу либерален начин го регулираат абортусот, еден од полибералните начини во Европа.
– Значи на барање на жената до 10 недела слободно одлучува таа, не се бара никаква согласност од сопруг, лице со кое живее во вонбрачна заедница. Може да се ограничи како што е и секаде во светот во сите закони без исклучок, само поради медицински индикации и поради некои несакани последици кои можат да настапат по здравјето и животот на жената, нагласи Тодоров.
Потенцира дека подготвиле и анализа на над 40 здравствени системи за тоа како го регулираат тоа прашање.
– Има здравствени системи кои целосно го забрануваат абортусот како што се Ирска, Полска, има земји кои се ултралиберални во однос на абортусот. Македонија останува во групата земји кои на многу либерален начин го регулираат ова прашање. Со новиот Предлог-закон единствено ги менуваме идеолошките одредби во него. Овој Предлог-закон не е во насока на некоја демографска политика, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека комисиите и првостепената и второстепената се предвидени и во стариот и во новиот закон и членовите исто така.
– Имавме различен систем од оној кој го имаме денеска и во тој поглед различно ја уредуваме работата. Жената се упатува на првостепена комисија само единствено доколку докторот кој треба да го изведе абортусот констатира дека доколку го изведе абортусот ќе настанат определени компликации по здравјето или животот на жената, дека е загрозен животот на жената и се спротивставува да го изврши од медицински причини, посочи Тодоров.
Доколку гинекологот оценил дека со абортусот ќе има компликации по животот и здравјето на жената, а таа сака да абортира, тогаш оди на првостепена комисија составена од доктор-гинеколог, интернист и социјален работник.
– Идентичен е составот на првостепената и на второстепената Комисија. Не може сам лекарот да формира Комисија. За да се формира Комисија мора да се донесе определно решение, министерот е надлежен за носење такви акти. Не гледам ништо спорно министерот за донесе решение со кое ќе се формира првостепена комисија во секоја здравствена установа која од стручен аспект ќе разгледува дали на некоја жена може сериозно да и се наруши здравјето при абортус. Станува збор за чисто стручна комисија без никаква можност за политичко мешање ниту од министер, ниту од кое било Министерство, ниту од директорот, ниту од кој било од администрацијата од здравствена установа. Станува збор за чисто медицинска одлука, додаде министерот Никола Тодоров.