Не запира ненаменското, неодговорното и расипничко трошење на парите на граѓаните преку омилениот начин на Владата бесмислени, но извонредно скапи кампањи и промоции за саморекламирање, реагита Транаспарентоност Македонија.
Според невладината организација, најновите кампањи на Владата кои ќе ги чинат граѓаните неверојатни 1,7 милиони евра, се наменети за „просветување“ на граѓаните и здравствените работници за „можностите кои им се на располагање со преземањето на активни мерки и имплементација на владини политики во здравствениот систем“ за што од Буџетот ќе бидат „испумпани“ 590.000 евра; дополнително, со кампања исто така „тешка“ 590.000 евра стопанските субјекти ќе се информират за „можностите кои им се на располагање од спроведувањето на активни мерки и владини политики за поддршка на земјоделскиот сектор”.
Со третата кампања, во износ од 500.000 евра, Владата „навремено ќе ги информира граѓаните, училишната и студентската популација за можностите кои се на располагање со имплементација на активните мерки и владини политики во областа на образованието“.
-Покрај неодговорното и нерационално трошење на парите на граѓаните, преку кампањи и промоции со кои граѓаните се информираат за „успесите и реформите“ на Владата, се корумпираат и избраните медиуми преку кои ќе се емитуваат овие кампањи, со што значително се влијае врз нивната уредувачка политика заради поддршка на владините политики.
ТМ бара од Владата да престане да ги троши парите на даночните обврзници за бесмислени и коруптивни кампањи за себепромоција, а средствата да ги насочи за задоволување на основните потреби на осиромашеното население. ТМ повторно го повикува Државниот завод за ревизија да изврши тематска ревизија на потрошените средства за кампањи, промоции и маркетинг и да ја извести јавноста колку граѓаните ги чини ваквото неодговорно и расипничко однесување на Владата и другите државни органи, за што интерес покажа и Европската комисија.
Со оглед дека постојат сериозни сомневања за корупција кај овој вид на јавни набавки за кои од буџетот се „испумпуваат“ милиони евра, ТМ бара од ДКСК по многу пати „допрен глас од јавноста“ да отвори постапка за утврдување на корупцијата во ваквото трошење на парите на граѓаните, велат од Транспарентност Македонија.