Тим научници од лабораторијата „Амбикон“ ги детектира загаденоста на воздухот и бучавата

Од:

Големите македонски компании и рудници, но и оние во Бугарија, Србија и Албанија, ги препознаваат и ги користат нивните знаења и истражувања, а за македонската јавност се интересни по станиците за мерење на загаденоста на воздухот, што сами ги направија и ги користат за научни истражувања и за потребите на локалните и централната власт. Станува збор за тим составен од научници на лабораторијата „Амбикон“ при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, како единствена во земјава, и по тоа што во теренските истражувања и во лабораторијата ги има најсовремените апарати и микроскоп и во својата работа ги вклучува и студентите од Природно-техничкиот факултет.

-Работиме за индустријата, ги контролираме и амбиентните услови во зоната на аеродромите во земјава, во зоните на најголемите индустриски капацитети во Македонија, Бугарија, Србија, потоа во Албанија имаме работено. Значи, специфични услуги што други лаборатории тешко можат да ги дадат. Мериме и персонална изложеност на работниците на прашина и гасови, што како услуга го правиме и во Бугарија, која е членка на ЕУ и не е лесно да се пробиете на нивниот пазар, вели за МИА, Дејан Мираковски, раководител на лабораторијата „Амбикон“.

Пред неколку години овие научници предупредија дека поголемите македонски градови имаат и друг вид загаденост, нивните мерни инструменти за бучавост покажаа дека се бучни како европските метрополи, како што е на пример мегаполисот Берлин. Сега работат на акредитација на друг вид мерење, а тоа е мирисот во фабриките и во околината, за ова ќе бидат единствени на Балканот. Екипата се состои од над десетина универзитетски професори, кои се големи експерти во областите од кои доаѓаат, а специјалност им се истражувања во делот на заштитата при работа и животната средина.

Загаденоста на воздухот најголем проблем за котлинските градови

Приказната со мерните станици на лабораторијата „Амбикон“ почна кога од нив пред три години најголемите рудници во земјава, „Саса“ во Македонска Каменица и „Бучим“ во Радовиш, им побарале станици за мерење на квалитетот на воздухот во нивните кругови. Мираковски вели дека пред да ги постават инструментите имале макотрпна работа, во која примениле наука, инженерство, знаење и искуството што го имале. Околу две години работеле на склопувањето со референтните сензори од реномирани производители, а притоа работеле на пробни мерења со станиците, што сега ќе овозможат поекономично и поефикасно мерење на квалитетот на воздухот. Мерењата ги прават по примерот на американската Агенција за животна средина, а целта им е поедноставно и на поразбирлив начин да ги презентираат резултатите, но и какво е и влијанието врз здравјето на луѓето.

Вакви мерни станици имаат поставено во Штип на две локации, потоа во Скопје, Струмица, Кавадарци, најновата е во Прилеп, а годинава квалитетот на воздухот ќе се мери и во Берово, што е и единствената воздушна бања. Резулатите што ги покажуваат се идентични, како и на станиците на Министерството за животна средина, а една мерна станица склопена од нивна страна чини десет пати помалку од некоја што се нуди од странските реномирани фирми.

МИА информира дека мерењата од овие станици покажуваат оти штипјани дишат најчист воздух и зиме и лете, а се поставени една на општинската зграда, во централното градско подрачје и една кај Кампус 2 на Универзитетот „Гоце Делчев“, што е свртена кон булеварот „Гоце Делчев“, каде што има најголема фреквенција од возила, бидејќи е влез и излез на градот, но и од каде што почнуваат индустриските зони. На Штип во прилог му одат ветерот и конфигурацијата на теренот, кој е распослан на неколку рида.

Проблем со загадувањето во текот на зимските месеци дефинитивно имаат котлинските градови, каде што резултатите се екстремно високи.

-Според овие податоци што ги имаме, проблеми со загадувањето имаат градовите што се наоѓаат во котлини и имаат малку поголема густина на население, а проблемот е пред сè во зимскиот период. Значи котлините знаат да направат топлинска инверзија, да го задржат воздухот и да го спречат струењето. Тоа е еден проблем, а проблем е и што од друга страна ние се грееме на дрва, што е доминатно греење, за жал, и во Скопската Котлина, вели Мираковски.

Греењето на дрва е причина број еден за загадувањето на воздухот во котлинските градови во земјава.

Покрај тоа што го мерат квалитетот на воздухот, тие вршат анализи и на персоналната изложеност на луѓето, односно како се изложени на суспендирани цврсти честички и гасови. Научниците од лабораторијата „Амбиком“ имале и истражување со волонтери во неколку града, кои со себе ги носеле мерните инструменти, како холтерите, што ги носат лицата со срцеви заболувања. Со инструментите се движеле на работните места, во автомобилите, на улица, дома, трговски центри, едноставно биле дел од нив, а кај нив просечната изложеност на загаден воздух била под дозволените граници, бидејќи не биле пушачи, имале прочистувачи на водухот во домовите и се грееле на струја или на парно. Мираковски забележува дека овие истражувања покажале дека воздухот што го дишеме дома и на работа има помалку опасни ПМ-честички од оној што го дишеме надвор, а големи резултати даваат и прочистувачите на воздух. Сите истражувања и студии во кои учествувале досега покажуваат дека домаќинствата со 90 отсто се главниот виновник за високите концентрации на ПМ-честички во воздухот. Решение е промена на начинот на греење. Забележува дека е добро што има мерки за субвенционирање за промена на начинот на греење на македонските домаќинства, конкретно од дрва на пелети. Но, поголемите инвестиции во гасификација, како и опфаќањето поголем број граѓани со субвенциите се решенијата што за неколку години ќе се исплатат.

Македонските градови бучни како мегаполиси

Македонските градови имаат проблеми со бучавата која, според научната јавност, е загадување на дваесеттиот век. Истражувањето на лабораторијата „Амбикон“ пред речиси четири години покажа дека бучавата што се создава од возилата, музиката од кауфилињата и од луѓето во централното градско подрачје во Штип е на исто ниво со бучавата како во еден мегаполис како што е Берлин. Центарот на истокот поради ветерот нема проблеми со загадувањето на воздухот, но бучавата во централното градско подрачје кулминацијата ја доживува во вечерните часови.

-Да направиме споредба, ако е дозволено 45 за вечерни услови, ние можеме да стигнеме и до 80 децибели, ако земете дека тоа е логаритамска скала, значи се работи за многу поголемо ниво, многу поголем звучен притисок отколку што би требало да биде согласно прописите, вели Мираковски.

Универзитетскиот професор Мираковски вели дека проблемот со бучавата го нема само Штип, туку и другите македонски градови што се развиваат. Причините за појавата на ова загадување, за кое има мал број корективни мерки, се недоброто урбанистичко планирање на градовите и, секако, зголемениот број возила на сообраќајниците.

-Анализите за Штип и за Скопје покажаа дека сме доста бучни како градови, што можеби поради недоброто урбанистичко планирање, што поради зголемената фреквенција на возила. Ние имаме измешано, комерцијални и резиденцијални зони. Во истата зграда имате станови каде што живеат луѓе, но имате и комерцијална зона. Сега кога имате такво мешање, па и самата фреквенција на луѓето знае да биде бучна. Мерењата во сите урбани зони надминуваа, а посебно од возилата, бучавата од кафулињата знае да биде вистински проблем во одредени зони. Ние мериме и бучава во индустриските капацитети, имате модерни фабрики што се трудат да ја предвидат бучавата и тоа се моделира и поправа, но имате и капацитети што баш многу не се секираат, туку реагираат откако некој ќе пријави или кога ќе им се појави проблем, вели Мираковски.

Забележува дека на овој вид загадување не му се придава големо значење, можеби прв впечаток е дека не е опасен како воздухот, но бучавата предизвикува сериозни здравствени последици врз луѓето.

-Според лекарите, предизвикува покачен крвен притисок, проблеми со централниот нервен систем и сите мали градови, и покрај тоа што се мали, имаат доста високо ниво на бучава, вели Мираковски.

Истражувањата со софистицираните мерни иснтрументи покажуваат дека на бучавата не се имуни ниту училиштата во земјава, кои всушност треба да бидат и најзаштитени од неа.

-Голем број деца во просториите, нивниот џагор генерира околу 105 децибели на пример, максимум што се пикови и се речиси слични кога полетуваат авионите. Од друга страна, дозата на бучава што што ја примаат наставниците е здравствен проблем, што е исто детектиран во одредени истражувања. Наставниците со подолг работен стаж имаат проблеми со слухот, додаде Мираковски.

Според тимот научници, мора да постојат и стандарди при изградбата на станбените згради, трговските центри и фабриките. Со најновиот мерен инструмент во лабораторијата имале и мерења на градежната акустика, односно колку на пример се слушаат чекорите на соседите кои живеат над вас или колку се слуша нивниот разговор. Градежните компании ги задоволуваат условите во енергетскиот пасош, но не се обврзани да прават вакви анализи. Досега само компанијата на македонскиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец побарала вакво мерење. Мираковски смета дека ако се поставуваат стандарди во која било област, македонските граѓани ќе имаат и поквалитетен, покомфорен живот, ќе се отвораат нови работни места и компании.

Науката и практиката

Тимот на лабораторијата „Амбикон“ во своите теренски истражувања и во лабораторијата ги вклучува и студентите на кои им се нуди можност да дојдат до нови сознанија.

-Во науката мора да се инвестира, нема за цел да постои сама за себе, туку анализите, резултатите, истражувањата мора да се вратат и да им служат на заедницата, индустријата. Затоа што целиот круг кога ќе се затвори има бенефиција за сите. Ако ние некаде измериме и докажеме дека има проблем со бучавата, може да се решава тој проблем, а резултатите и истражувањата секако им се даваат на локалните власти. Ако вие ја правите науката само за себе, не знам колку ќе има цел. Треба да се зголемат инвестициите во науката и мислам дека тоа ќе придонесе и за подобрување на стандардот и на луѓето што работат во науката и на граѓаните, бидејќи корисник на тие резултати и на нови знаења треба да бидат јавноста и заинтересираните стопански субјекти, рече Мираковски.

Истражувањата на „Амбикон“ носат и финансиска бенефиција на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, што повратно ги инвестира овие пари во нови инструменти за истражување и работа на научниците. Тимот порачува дека младите треба да се свртат кон техничките науки, што ќе работат за реалниот сектор. На Македонија ѝ се потребни инженери од која било област, а најлесно до правење кариера и до висока плата се доаѓа токму преку завршување на ваквите факултети.

Би можело да ве интересира

Скопје повторно меѓу најзагадените градови во светот

Катерина Ѓуровски

Галуп Интернешенел: Само петтина од Македонците очекуваат 2024 да биде подобра од 2023 година

Орце Костов

Во Скопје повторно активирани мерките поради големото загадување

Катерина Ѓуровски

И во Гостивар мерки за заштита од алармантното загадување

Алармантно загадување во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, активирани мерките за заштита

Скопје денеска деветти најзагаден град во светот