Триесет и осумгодишниот З.Ѓ. од Тетово синоќа е застрелан додека разговарал со неговиот сосед на улицата „Браќа Симоски“ во Тетово.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски изјави дека според досегашните информации добиени од соседот додека тие двајца разговарале, зад нив поминало едно лице кое откако ги одминало му прозборел нешто на З.Ѓ по што од задниот дел на појасот извадил пиштол и испукал еден куршум кон него. Потоа пешки заминал во правец на тетовското Кале.
Повредениот се здобил со сериозна прострелна рана во десната натколеница и скршеница на коската во десната нога по што бил префрлен во Тетовската клиничка болница од каде поради сериозноста на повредите е пренесен на клиниките во Скопје.
Јосифовски информира дека повредениот е надвор од животна опасност и е контактибилен.
Полицијата извршила увид на местото на настанот каде пронашла и подигнала една празна чаура за пиштол со калибар од девет милиметри и презема мерки за идентификување и пронаоѓање на сторителот.