Денеска околу 14 часот и 30 минути животот го загубил 36-годишен градежен работник од Тетово, откако додека работел паднал од кат на куќа во изградба.
Според Секторот за внатрешни работи во Тетово, несреќата се случила додека тој од вториот кат на објектот со макара спуштал вреќа со градежен шут.
„Вреќата се откачила и го повлекла работникот, по што тој паднал на земја и се здобил со повеќе потешки повреди. Негов колега веднаш го пренел во Клиничката болница во Тетово од каде што итно бил упатен на скопските клиники.
Кога пристигнал таму, лекарите само ја констатирале неговата смрт. Увид на местото извршиле екипи на СВР Тетово, истражен судија и јавен обвинител”, информира СВР Тетово.
Инаку, денешниот инцидент е втор смртен случај при вршење градежни работи. Во почетокот на минатиот месец работник загина при пад од објект во изградба во селото Желино.
Г.М.