Возач на автобусот на ЈСП со број 50, вчера во 13:40 часот пријавил инцидент меѓу две групи на средношколци. Во близина на автобуската постојка, кај клучка „Дијамант“, поточно пред ДАСУЦ „Боро Петрушевски“ учениците без никаков повод и причина почнале вербална расправија, која прераснала во тепачка.
Возачот на автобусот, застанал на постојката, ги отворил вратите и почнал да ги разделува учесниците во тепачката. Возачот не успеал во обидот, а дел од средношколците се симнале и почнале да флаат камења и тврди предмети кон автобусот, при што е скршено стаклото од предната врата на автобусот.
Веднаш, по дознавањето за настанот на лице место пристигнале четири тима на „Алфа“ Единицата за прв одговор и интервенција, кои лишиле од слобода осум малолетници, додека тројца малолетници кои избегале, а учествувале во тепачката, со своите родители дошле во ПСОН „Гази Баба“.
Во извршените разговори со учесниците во нарушувањето, и двете групи изјавиле дека меѓусебно не се познаваат, немаат претходни расправии и недоразбирање и никој незнаел да наведе зошто почнале вербална расправија која прераснала во тепачка. Инцидентот беше веднаш расчистен и документиран, а СВР Скопје-ПСОН „Гази Баба“, издаде единаесет платни налози против исто толку малолетни лица, заради тоа што, околу 13:30 часот во автобус на ЈСП бр. 50, на автобуска постојка кај клучка „Дијамант“ го нарушиле јавниот ред и мир со тепачка.
Извршено е фотографирање и на оштетениот автобус, за што по утврдување на сторителот на кривично дело „Оштетување туѓи предмети“, ќе следи соодветен поднесок.