Театарски претстави и концерт на „Танец“ за возобновување на манастирот Трескавец

Од:

Шест претстави ќе изведат Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци, Драмскиот театар, театарот Комедија, театрите од Велес, Битола и Прилеп, а концерт ќе одржи ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во рамки на хуманитарна акција за собирање средства за возобновување на манастирот Трескавец.

На 22 февруари Театарот Комедија ќе ја изведе претставата „Женидба“ во режија на Дејан Пројковски, а истиот ден „Танец“ ќе го одржи концертот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп  на кој гости ќе бидат Блага Петреска и Сузана Спасовка. На 25 февруари МНТ и Театарот за деца и младинци ќе ја изведат претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов, на 26 февруари Драмскиот театар ќе ја изведе „Грев или шприцер“ во режија на Деан Дамјановски, на 27 февруари Театарот од Велес ќе ја изведе „Ноќите во бел сатен“ во режија на Ненад Витанов, на 28 февруари Народниот театар од Битола ќе ја изведе „Хенри Шести“, трет дел во режија на Џон Блондел, а на 1 март Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја изведе „Многу врева за ништо“ во режија на Иво Милошевиќ.

Градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески денеска на прес-конференција во МНТ рече дека манастирот Трескавец е еден од најголемите културни богатства во Македонија. Изрази благодарност до институциите кои се под Министерството за култура, до сите уметници и работници кои изразија поддршка за повторното возобновување на Трескавец. Средствата за возобновување на манастирскиот комплекс, посочи тој, ќе бидат уплатени на жиро сметка за таа намена.

– Изразувам благодарност до сите театри во Македонија кои ќе учествуваат во хуманитарните активности. Откако се случи пожарот во манастирот се пријавија голем број луѓе од Македонија и од дијаспората кои имаа желба на различен начин да помогнат. Во овој период повеќе стотици Прилепчани учествуваа во расчистувањето на изгорените делови од манастирскиот комплекс и тие активности се при крај, потенцира Ристески.

Нагласи дека следна активност ќе биде интензивирање на изградбата на патот до манастирот која почна на Голема Богородица пред повеќе од половина година.

– Од вкупно 7,5 километри се изградени километар и пол  од асфалтниот пат. Со подобрување на временските услови и отворање на асфалтните бази започнува една работа на најголемата реномирана градежна компанија која го доби тендерот, тоа е „Гранит“. Патот е најбитен бидејќи ќе овозможи и полесен пристап на механизацијата, додаде Ристески.

Уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски рече дека со претставите и со концертот на „Танец“ преку нивната активност се вклучуваат и сите граѓани на Македонија.

– Сите учесници кои се гости во претставите и добиваат хонорари за изведбите веќе најавија дека ќе играат во претставите бесплатно, посочи Пројковски и додаде дека на крајот од хуманитарната акција ќе информираат колку средства се собрани.

Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ рече дека се сигурни оти ќе има многу луѓе кои ќе ги гледаат претставите и додаде дека доколку е потребно за извесно време ќе организираат уште една ваква хуманитарна акција.

Директорот на „Танец“, Зоран Џорлев истакна дека една недела пред пожарот договарале со Ристески во март ансамблот да одржи концерт во Прилеп.

– По пожарот се договоривме концертот да биде хуманитарен. Среќни сме што можеме да дадеме еден мал дел од она што можеме да го направиме. Ако треба ќе направиме уште 10 концерти. Ќе дојдеме и во Трескавец кога ќе се направи патот и таму ќе одржиме концерт, рече Џорлев.

На прес-конференцијата беше упатен апел до граѓаните да ги проследат изведбите на претставите.

Градоначалникот Ристески најави дека на пролет ќе се одржи голем концерт на Градскиот стадион во Прилеп, а средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за манастирот Трескавец.

– Се надевам дека сите заедно ќе го возобновиме овој симбол на христијанството и православието во Македонија, додаде Ристески.

Би можело да ве интересира

Археолошките истражувања на Трескавец го потврдуваат милениумското светилиште и како урбана населба

ВИДЕО: Спасени се две туристки од Полска кои паднале во пресек од карпа над провлија кај „Трескавец“

Мариово и Трескавец меѓу петте финалисти за најдобра европска филмска локација

Жарко Настоски

Уште една победа на хуманоста и човечноста – собрани средствата за операција на Слободан Попов – Цобе

Ана Ололовска

Двајца кичевци со хуман гест за младо момче со посебни потреби

Ана Ололовска

Исклучително: Месут Озил спаси 219 детски животи!