Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски бара министерот за финансии Зоран Ставрески веднаш да ја одблокира исплатата на правата на граѓаните и, како што посочува, да престанат манипулациите со ранливата категорија граѓани на кои овие средства им се единствени месечни примања.
– Пред да стигнат лажните обвинувања и клевети дека министерката Ременски ги кочи проектите во Министерството за труд и социјална политика и правата на граѓаните на Република Македонија сакам да обелоденам кој е главниот кочничар на исплатата на средствата што ги очекуваат од Министерството. И покрај уредно и навремено потпишаните и доставени за исплата обврски кон граѓаните и други субјекти, од средината на март во трезор во Министерството за финансии стојат нереализирани исплати кон граѓаните, вели Ременски.
Како што се наведува во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика, нереализирани исплати има за породилно боледување и тоа во висина од 195.069.448 денари, за цивилна инвалидност 6.517.066 денари, за мобилност и слепило 59.676.000 денари, за постојана парична помош 30.132.282 денари, за сместување во згрижувачко семејство 3.313.027 денари, за парична помош за студирање 4.024.311 денари, за детски додаток 10.291.042 денари, за еднократна парична помош за новороденче 3.562.070 денари, за родителски додаток за трето дете 207.723.161 денари, за родителски додаток за четврто дете 11.729.412 денари и за посебен додаток 35.783.890 денари.
– За правата од социјална и детска заштита за март има вкупно нереализирани исплати кон граѓаните во висина од 375.051.571 денари, истакнува министерката.
Таа посочува дека во трезор стојат неисплатени и средствата за заштитните друштва кои вработуваат инвалидизирани лица во висина од 64.402.617 денари, средства за здравствено осигурување 8.689.231 денари, средства за бањите кои даваа услуги за бањско климатска рекреација на пензионерите 10.755.722 денари, паричната помош за граѓаните за опожарени куќи и лекување 240.000 денари…. или како што потенцира вкупно неисплатени околу 12 милиони евра.