Таравари: Обвинувањата од ДКСК за непостапување со дивоградба е обид за моја политичка дискредитација

Од:

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари на прес- конференција ги отфрли обвинувањата околу неговата вмешаност во случај за дивоградба, кое вчера ги искажа член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тој оценува дека станува збор за неосновано обвинување кое содржи политички притисок од партии кои се на власт.

– Ова е класичен обид за лична дискредитација. Претходно се обидуваа со контроли на финансиската полиција да најдат незаконитости, но не успеаја, па сега преку ДКСК сакаат истото да го прават. Ме обвинуваат дека три години сум држел во фиока предмет и не сум постапувал по него. Тоа не е точно, бидејќи постапувано е по тој предмет во повеќе наврати. На ваков начин се пресметуваат политичките неистомисленици, бидејќи членот на ДКСК е член на ДУИ, рече Таравари на прес-конференцијата.

Тој пред новинарите покажа документи и појасни дека станува збор за објект куќа, а не зграда, за чија градба е издадена дозвола во јули 2018 година. Три месеци подоцна, откако почнала изградбата, надлежната градежна инспекција констатира дека има отстапување. Според него, инспекторите во два наврати со решение побарале да се отстрани делот кој е вишок, но за уривање потребна е судска одлука.

Таравари нагласи дека во рамки на надлежностите, лани е поднесена пријава до ОЈО Гостивар каде се работи по предметот и, како што рече, додека не заврши истрагата и не биде донесена судска одлука, локалната самоуправа не може да преземе следни чекори.

Градоначаланикот Таравари се осврна и на барањето кое како предлог е доставено до ЗЕЛС и МОН и се однесува на должината на зимскиот распуст. Тој пред една недела препорача продолжена пауза за оваа учебна година која би траела во декември и јануари. Идејата е да се заштеди на трошоци и да се надмине кризата.

– Токму во овој период е најстудено, а се отвора можност да заштедиме енергија за затоплување. Во контакт со повеќе колеги градоначалници, добив нивна поддршка и тие сметаат дека трошоците за струја ќе влијаат сериозно врз работењето на општините. Ништо не ќе може да се сработи, бидејќи треба да ги покриваме трошоците кои се енормно и неколкукратно повисоки. Централната власт мора да го земе овој предлог предвид, со оглед дека во зимскиот период овие трошоци ќе пораснат и ќе бидат сериозен удар врз државната буџетска каса, која е празна, рече Таравари.

Би можело да ве интересира

Почнаа обвинувањата меѓу досегашните партнери: Тарaвари се интересирал за бизниси, Груби и Заев

Катерина Ѓуровски

И Таравари виде дека Мицкоски ја води државата во провалија, велат од СДСМ

Катерина Ѓуровски

Не се враќаш кај народот туку на „црната листа“, му порача Меџити на Таравари

Таравари ја напушта Владата и ќе биде опозиција

Владата се загуби на патот кон ЕУ, Албанците се маргинализираат, Таравари најдоцна за два дена ќе каже дали излегува од Владата

Катерина Ѓуровски

ВРЕДИ го нарекува Таравари „бегот од Гостивар“ кој се враќа во криминалниот котел на ДУИ