Македонската радио телевизија, која се финансира со сметките што граѓаните ги плаќаат за радиодифузна такса, се служи со информации од порталот Курир, кој пак е пропагандно гласило на власта. Тоа кажува многу, вели Сефер Тахири, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
На денешната трибина пред Владата, во „Кампот на Слободата“, Тахири посочи дека двајца поранешни директори на МРТ биле некогаш пратеници во Собранието од партијата ВМРО-ДПМНЕ, што, рече тој, доволно кажува за партизираноста на овој медиум. Сегашното раководство, вели тој, е со сомнителен кредибилитет затоа што вообичаена пракса е со националниот сервис да раководат угледни луѓе во општеството кои имаат познавање од радиодифузијата.
– Не можеме да се сетиме кои се луѓето што раководат со овој медиуми. МРТ го крши свесно Законот за аудио визуелни медиумски услуги, го кршат членот 110 од законот со кој телевизијата е должна да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес. Во законот се вели дека не смее да застапува и не смее да заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија. Ова е смешно кога ќе се спореди со тоа што го имаме во програмската шема на МРТ – рече Тахири.
Цветанка Иванова, претседател на комисијата за информатичко општество на СДСМ, рече дека во програмскиот совет на МРТ членуваат две поранешни пратенички на ВМРО-ДПМНЕ. Една од нив е и советник на градоначалник во една локална самоуправа.
Ова, посочи таа, мора да се смени затоа што за телевизијата не плаќаат само оние што ги поддржуваат владините политики, туку и оние што не ги поддржуваат, како и оние што не гледаат МРТ воопшто.
– Во МРТ односот кон неистомислениците на оваа партиска врхушка е страшен. Да се одвојува во главниот дневник помалку од една минута за клучни настани, а да се посвети внимание на настани кои служат за пропаганда е недопуштено. На 31-ви јануари, кога почна објавувањето на бомбите, десет пати беше емитуван говорот на премиерот, а она што се случуваше со опозицијата не беше пренесено – рече таа.
Новинарката и активист, Билјана Бејкова, пак, рече дека јавниот сервис целосно се користи за пропаганда, како во информативниот дел така и во останатите содржини.
– Она што се случува со овој режим е киднапирање на медиумите, а особено на МРТ. Не можеме да зборуваме за информација туку само за пропаганда во целата програма на МРТ. Ако ја погледнете документарната програма ќе видите дека таа е идеолошки обоена, се промовираат само вмро-вските идеи – посочи Бејкова.