Во кавадаречкото село Мрежичко утрово околу 5 часот се случи лизгање на земјиштетот и ја оштети новоизградената пивара на компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци.
– Ова е голема хаварија за нас. На лице место може да се види дека штетата е огромна, рече во изјава за медиумите Лазо Којчев, раководител на комерцијалниот сектор во „Кожувчанка”.
На лице место се санираат штетите од земја и кал.
– Мобилизирани се како градежни компании така и вработените и механизацијата на „Кожувчанка”. Во големата акција за чистење со цел санирање на штетите, досега имаме исчистено околу 2,5 илјади кубика земја и кал. Земјата и калта навлегоа и во варилниците. Се претпоставува дека таму има над три илјади кубици земјен материјал, рече Којчев.
Тој кажа дека околу околу милион и 200 илјади евра се вложени во новоизградената пивара.
– Од први април започна и продажбата на првите количини на пиво. Несреќата се случи во момент кога се размислуваше за зголемување на производството. Се надеваме дека дека со крајни напори и големи материјални трошоци ќе успееме за петнаесетина дена производството повторно да го ставиме во функција. Дотогаш на пазарот ќе се пласираа веќе произведеното пиво, нагласи Којчев.
Тој додаде дека причината за свлечиштето е во поројните дождови па затоа будно ја следат состојбата со оглед на тоа што со зголемувањето на температурите ќе се топат и снеговите.