Светски ден за подигнување на свесноста за пелтечењето

Од:

Лицата кои пелтечат не треба да се омаловажуваат, затоа што за нив овој проблем не претставува само нарушување на течноста на говорот, туку и бројни негативни емоции поврзани за говорните ситуации. Нивниот говор можеме да им го олесниме така што нема да го избегнуваме контактот со очите, да не поставуваме премногу прашања, да покажеме интерес и да им дадеме доволно време за одговор, односно да не ги прекинуваме и да не ги брзаме, истакнува директорката на Заводот за рехаблитација на слух, говор и глас, логопедот Силвана Филипова, по повод 22 октомври, Светски ден за подигнување на свесноста за пелтечењето.

Пелтечењето е најстарото и најпознатото говорно-јазично нарушување, кое претставува дисфункција во ритамот и темпото на говорот, односно е нарушување на флуентноста на говорот, при што лицето знае што сака да каже, но тоа е отежнато поради честите прекини, повторувања или продолжувања на гласовите, слоговите или зборовите. Околу 70 милиони лица во светот пелтечат. Едукацијата и свеста за оваа нарушување е мала, па лицата кои пелтечат се среќаваат со голем број бариери, предрасуди и неразбирања.

Најчесто се јавува во периодот од две до пет години кога има интензивен говорно-јазичен развој, кога детето интензивно усвојува нови зборови и кога јазично ја организира мислата и не може да ја вообличи навреме, затоа што говорниот апарат на таа возраст сè уште не е доволно зрел. Улогата на семејството е од огромно значење за лицата кои пелтечат, затоа што ако дојде до неприфаќање и неразбирање од страна на семејството, ова говорно-јазично нарушување може да се влоши и продлабочи.

– Пораката што сакаме да ја испратиме по повод овој ден е „обидете се да ги разберете лицата кои пелтечат. Замислете си што би ви било потребно кога би го имале тој проблем и потоа обидете се да го дадете тоа што мислите дека е потребно. Во однос на третманот на ова нарушување во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас годишно на логопедски преглед доаѓаат околу 2.300 – 2.800 лица, закажани преку матичен лекар, вели доктор Филипова.

Специјалистот за дисфлуентни нарушувања на говорот од Заводот за рехаблитација на слух, говор и глас Нермин Теловска посочува дека, за жал, голем е бројот на лицата кај кои е констатирано постоење на пелтечењето, кое претставува нарушена вербална комуникација.

– Видот на третманот зависи од возраста на лицето со пелтечење, времето поминато од почеток до јавување на логопедски преглед, формата и тежината на пелтечењето. Постојат повеќе методи и техники на третман, кои успешно се применуваат во нашиот завод, такви се модификацијата на пелтечењето, когнитивно-бихејвиоралната терапија, апарати со аудитивна дилеј-програма, техники за релаксација, вежби за развој на мозокот, сензорна интеграција, вибро-акустична терапија, логопедска масажа и други. Нашата цел е кај децата и младите да се подобри состојбата и да се спречат компликациите на когнитивно и емоционално ниво, а возрасните да ги охрабриме и да им ја вратиме самодовербата, бидејќи лицата со пелтечење можат да бидат успешни во сите сфери од животот и во кариерата, исто толку, па и повеќе од тие што немаат пелтечење, но тоа бара соодветна стручна помош, како и поддршка од страна на семејството, училиштето, факултетот и работната средина, вели Теловска.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за пелтечењето од Заводот денеска напладне ќе постават штанд во просториите на ТЦ „Рамстор“ во центарот на градот, на кој граѓаните ќе добијат леток со основните информации за децата со пелтечење и за доаѓањето на логопедски преглед.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство