Неочекуван пресврт во случајот „Ликвидација“. Деветмина од 18-те сведоци кои се на списокот да сведочат од страната на обвинителството дадоа друга слика за случајот во кој се обвинети десетмина, меѓу кои и новинарот Томислав Кежаровски.
Шокираше исказот на сведоците дека биле принудени да даваат монтирани изјави кои им биле наложени во велешката полиција.
Сашко Арсовски, брат на загрозениот сведок Златко Арсовски – „Бреза“ призна дека потпишал обвинувања против судиите и обвинителите под присила на полицијата во зградата на Јавното обвинителство во Скопје.
„Како што ми монтираа така и кажав. Ќе го опфатиш овој, ќе го опфатиш оној. Тоа што го кажав во Јавното обвинителство е неточно. Точно е само она што го изјавив пред истражниот судија!“, изјави Сашко Арсовски.
Судењето продолжува со доказна постапка- анализа на транскрипти од разговори и документација.
Според обвинителниот акт, во предметот „Ликвидација“ обвинетите се товарат за јавно обелоденување на загрозениот сведок Бреза, кој беше клучен сведок во предметот за двојното убиство во велешкото село Ореше.