Свечено врачени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје за 2017 година

Од:

Вчеравечер, во Македонската опера и балет, се одржа свеченоста по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, на која градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на годинешните добитници им ги врачи наградите и им се обрати на присутните гости.

– Вечерва го славиме датумот кој секој наш сограѓанин го памети како историски за моето и Вашето Скопје. На 13 Ноември 1944 година, победничките бригади на борците го ослободија антифашистичко Скопје и го означија почетокот на неговото опстојување и развој. Денеска одбележуваме 73 години од ослободувањето на градот од фашистичките окупатори, победа којашто со пожртвувана борба ја извојуваа врз посупериорниот противник, генерациите коишто го почнаа градењето на самостојната држава во која нејзините граѓани ќе ги остваруваат своите идеали. Да не заборавиме дека ослободителите на Скопје го градеа овој град по Народноослободителната антифашистичка војна, но, за жал, и по земјотресот во 1963 година, катастрофи што многу наши соседи ги оставија без своите домови, но и без нивните најблиски. Нашето Скопје поради овие истории ги доби и епитетите „антифашистички град“ и „град на солидарноста”. Негувањето на наследството подразбира грижа и за двете подеднакво.

– Знам дека граѓаните на Скопје избраа живот во модерна Европа, но знам дека овој град е со многу предизвици и јас сум свесен за предизвикот кој го имам пред мене, загадувањето е секако најголемиот, но има и многу други проблеми и во инфраструктурата, урбанизмот, зеленилото…Но, заедно со мојата администрција сме подготвени да инвестираме во заедничката иднина на Скопје и да го направиме функционален град. Сакам да го направиме Скопје град во кој неговите граѓани ќе имаат еднакви можности, град на солидарноста и на мултикултурниот соживот, којшто со години се негува меѓу неговите жители. Град за сите!

– Вечерва, се собравме овде за да им ги доделиме наградите „13 Ноември“ на Град Скопје на нашите сограѓани коишто дале свој придонес за негова афирмација, во севкупниот напредок во Република Македонија и во светот. Со задоволство и чест, како Градоначалник на Скопје, им ги доделувам наградите на годинешните добитници и се надевам дека таа ќе им биде поттик и за нови творечки достигнувања и успеси – истакна градоначалникот Шилегов.

Во името на добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2017 година се обрати Димитар Башевски, кој кажа дека му е доделена најпријатната задача да се заблагодари во име на сите наградени, коишто се од различни области, но и возрасти. Истакна дека обично повозрасните велеле дека би било подобро наградите да ги добиеле како помлади, но сепак, иако помладите наградите ги правеле позрели и поодговорни, повозрасните ги подмладувале и им давале чувство на заокруженост.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2017 година се:

Од областа на науката:
1. ХАКИ ИМЕРИ – за континуирани значајни остварувања во областа на науката и образованието.

2.ГОРАН КОНДОВ- за високи постигнувања во областа на медицинската наука и хируршката практика.

Од областа на образованието и воспитанието:
1.ЈАДРАНКА КЛИСАРОВА -за значајни остварувања во областа на образованието и воспитанието.

Од областа на културата и публицистиката:
1.ДИМИТАР БАШЕВСКИ-за долгогодишни високи остварувања во областа на литературата и културата.

2.ПУНТОРИЕ МУЧА-ЗИБА -за долгогодишно континуирано успешно литературно творештво.

Од областа на уметноста:
1.ВАСИЛ АТАНАСОВ -за долгогодишна успешна дејност во областа на музичката уметност.

2.СТЕФАН ХАЏИ-НИКОЛОВ -за долгогодишни високи остварувања во областа на сликарството.

Од областа на здравствената заштита и хуманитарната активност:
1.РАДЕ ИЛИЕВСКИ-за долгодишна хуманитарна активност.

2.ЖАН МИТРЕВ -за долгогодишен врвен придонес во областа на здравствената заштита.

Од областа на спортот:
1.ЧЕДОМИР ЈАНЕВСКИ -за долгогодишни врвни резултати во областа на фудбалскиот спорт.

2. АТАНАС НИКОЛОВСКИ -за значајни постигнувања во областа на кајакарскиот спорт.

Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на МОБ, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на12-та меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“, а по делувањето на наградите, во чест на добитниците и по повод празникот на Скопје, се одржа и забавно-музичка програма под мотото ,,Скопје граду мој”.

Би можело да ве интересира

Тројца истепани во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје

Земјотрес во Скопје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот