Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи смета дека исламски радикализам не постои, бидејќи, како што вели, исламот не прифаќа радикално однесување и екстремизам.
– Припадниците на исламот не се имуни на такво однесување, како што не се имуни и припадниците на другите верски заедници. Така што, секогаш треба да имаме предвид што значи исламот, што проповеда исламот, што интерпретира и какви ставови има, а како се однесуваат муслиманите, дали се однесуваат во рамките на тие исламски начела или надвор од тоа. Секогаш кога однесувањето е надвор од исламот, веројатно не се имуни да се појават и такви односи и такво однесување што навистина води кон радикализмот, кон екстремизмот и нетрпеливоста, изјави Реџепи за Радио Слободна Европа.
Тој додава дека Исламската верска заедница е категорично против насилството и радикализмот, како и против секое движење кое не се согласува со нормите на исламот.