Судски совет ќе ја продолжи соработката со ИСППИ и Виста за спроведување на психолошките и тестовите за интегритет

Од:

Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната 445 седница донесе одлука да се склучи Анекс на Договорот со веќе постојните институции, односно со Институтот за социолошки и политичко правни истражување ИСППИ и „Виста“, за спроведување на психолошките и тестовите за интегритет.

Одлуката, следува по денеска добиената информација од Владата, преку Министерството за правда по однос на психолошките и тестовите за интегритет, во кое се препорачува Судскиот совет да продолжи со постојните тела и институции со кои ги спроведува овие тестови до 2022 година, се додека друга институција или тело не добие акредитација.

Весна Дамева, рече дека е добро што Владата по два месеци одговори, но дека јавноста треба да знае дека никој не го блокирал овој процес, затоа што Судскиот совет доставил информација до Владата и се чекало два месеци да се произнесе.

– Судскиот совет не беше виновен за ситуацијата, изјави Дамева, посочувајќи дека ќе гласа „против“.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, како и членовите Селим Адеми, Ивица Николовски, Лорета Георгиева и Мери Радевска, посочија дека со оглед на добиената информација од Владата нема пречка за потпишување анекс договори за продолжување на договорите со двете постојни тела, со кои досега се правеле тестовите.

Одлуката за прифаќање на препораката и потпишување анекс договори за продолжување на договорите, Судскиот совет ја донесе со седум гласа “за” и еден „против“.

Претседателот на Судскиот совет Георгиев на почетокот на месецов на брифинг со новинари информираше дека изборот на судии од страна на Судскиот Совет е блокиран поради непостоење акредитирана институција за тест за интегритет и психолошкиот тест. Тој тогаш рече дека се бара решение за излез од ситуацијата, со оглед на тоа што се блокира назначувањето на осум судии во Апелациониот суд Скопје како и изборот на 30 судии слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.

Согласно законот потребно е да има акредитирана институција, која ќе ги спроведува овие тестови, но таква институција во моментов нема, а до пред застојот тестовите ги спроведувала „Виста груп“, која од 2015 година склучувала договор со Судскиот совет за таа намена. Со договор од 2015 и 2019 година како и повеќе анекси на Договорот, „Виста груп“ седум години ги тестирала судиите за интегритет и психолошкиот тест. Во 2022 година, тогашната претседателка на Судскиот Совет Весна Дамева не го потпишала Анексот на Договорот од 2019 година со „Виста груп“ за продолжување на соработката и побарала мислење од Владата. Одговорот од таму бил дека државава нема акредитирана институција за спроведување на овие тестови, што е законски услов.

Откако е донесен Законот за тестот за интегритет и психолошкиот тест од 2015 година тогашниот претседател на СС Бранко Ушковски склучил договоир со „Виста груп“ за спроведување на овие тестови што ги поминале сите судии. Договорот, како што информираше Георгиев, немал рок на важност и наредната година со Анекс бил продолжен на две години од потпишување, односно до декември 2017 година. Со нов Анекс на 1 ноември 2017 бил продолжен на уште една година исто како и на 9 ноември 2018 година на уште една година. Веќе во 2019 година бил потпишан нов договор на една година, а во 2020 на 24 декември со Анекс бил продолжен на две години од потпишувањето на договорот. На 16 декември 2021 со Анекс потпишан од страна на тогашната претседателка Павлина Црвенковска договорот бил продолжен на три години, односно до 2022 година.

Во 2022 во декември, како што појасни претседателот на судскиот совет Сашко Георгиев бил подготвен нов Анекс од страна на тогашната претседателка на Советот Весна Дамева но тој не бил потпишан. Дамева во јануари, февруари и март побарала мислење од Владата, од каде од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска добиле информација дека во државава не постои акредитирана институција која може да го спроведе тоа тестирање.

Георгиев информираше дека откако е претседател на Судскиот совет добил одговор од Генералниот секретаријат на Владата во врска спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет, во кој се наведува дека министерот за правда Кренар Лога ги информирал членовите на Владата дека е надминат проблемот со тоа што тестовите ќе се спроведуваат во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители АСЈО. Според него, се уште е нејасна состојбата поради тоа што, според одговорот од Владата, тие не бараат простории за тестирање, а тестовите во Академијата кои биле понудени се само за кандидатите за судии и јавни обвинители.

На брифингот со новинарите Георгиев меѓудругото информираше дека денеска имал средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ кои побарале исплата на додатоци за судските служби кои од минатиот месец не се исплаѓаат поради исплатата на 78 проценти повисоки примања за судиите. Георгиев очекува надминување на проблемот со ребаланс на буџетот бидејќи, како што рече и со ова покачување за судиите, Советот ќе има средства за плати само до октомви оваа година.

Би можело да ве интересира

Судски совет за изјавата на Мицкоски: Судската власт е самостојна и независна, секое мешање носи сериозна опасност по демократијата

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Совет на јавни обвинители, наша цел е комплетна автономија на правниот систем без влијание од политика

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите