Кривичниот суд не ја спори автентичноста на наредбата до која дојде „А1он“ а во која стои погрешен датум за спровод на обвинетиот Сашо Мијалков за предметот „Титаник 2“. Тие во прилог доставија и повратница, која само потврдува дека на 14.12.2022 година во струшкиот затвор пристигнала наредбата по која управата се води кога треба да спроведе затвореник. Од судот посочуваат дека директорот Ваљон Куља требало сам да сфати дека ако наредбата ја примил на 14 декември, а се однесувала за на 12 декември, истата не може да ја спроведе.
„Во однос на објаснувањето на Затворот Струга дека наредбата се однесува за 12.12.2022 година ( кога се одржала последната расправа), особено е важно да се истакне дека Затворот истата ја примил на 14.12.2022 ( евидентно од повратницата) па нејасно е како би ја спровеле наредбата два дена подоцна. Дотолку повеќе што на судењето одржано на 12.12.2022 година во присуство и на обвинетиот, неговите бранители како и спроводната служба од Затворот Струга е нагласено дека следната расправа е насрочена за 22.12.2022 година и сите пристуни се сметаат за уредно повикани. За сите овие детали Кривичниот суд ја извести Управата за извршување санкции при Министерството за правда, а со цел одржување на текот на расправата насрочи следно продолжување на 26.12.2022 година“, велат сега од Кривичиот суд.
Ти објаснуваат дека на повратницата во делот „ев“ стои точниот датум односно денешниот, на кој требаше да се одржи рочиштето. Но, не коментираат зошто управата на затворот во Струга требала да се води според повратницата, а не според наредбата.
„Судечкиот совет кој постапува по предметот, на денешната главна расправа, по добивање на информацијата дека обвинетиот не е спроведен од Затворот Струга, пред сите присутни странки и јавноста на судењето ја прикажа Повратницата од достава на наредба за спровод, примена во затворот на 14.12.2022 година, а на која под графата Евиденција (ЕВ) за време е наведена датата 22.12.2022 година што е показател за денот кога треба да се изврши спроводот, а која ја објавуваме во прилог на соопштението. Од судската пракса по која се постапува, наредбата може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи евиднтниот број на повратницата која ја добива Затворот“, додаваат од Кривичен суд.
Претходно, „А1он“ објави дека неточно е тврдењето на Кривичниот суд дека судијата Огнен Ставрев побарал спровод на обвинетиот Сашо Мијалков за денешното закажано рочиште на „Титаник 2“. „А1он“ дојде до наредбата на која јасно стои дека спроводот е побаран за на 12.12.2022 година, односно за пред 10 дена. Оваа наредба е потпишана од судијата Ставрев, со печат, и примена од затворот во Струга на 14.12.2022 година, како што посочија и од Кривичниот суд.
„На ден 12.12.2022 година во 10.00 часот, во судница бр.6, трети спрат, да се спроведе обвинетиот Сашо Мијалков….“, стои во наредбата до која дојде „А1он“.
„Станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд. Во нашата институција сме примиле наредба за спровод на осудениот Сашо Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година. По оваа наредба ние сме постапиле и сме го испратиле осудениот Мијалков на рочиште. Ова судско рочиште е одложено и потоа на 14.12.2022 година во нашата институција пристигна пак барање од Кривичниот суд за истото лице, но и во ова барање, датумот на судското рочиште е истиот од претходното барање, значи 12.12.2022 година.Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка“, рече директорот за „А1он“.