Судијката која одби притвор за Мијалков унапредена во врховен судија

Од:

Незадоволство меѓу судиите откако Судскиот совет вчера ја избра апелациската судијка, Цветанка Периќ, за врховен судија. Судии oд кривичниот суд за „А1он“ велат дека изборот на Периќ во највисокиот суд е проблематичен по многу основи, особено затоа што до пред некоја седмица за неа беше поведена постапка за разрешување пред истиот Судски совет кој ја избра во највисокиот суд.

Една од спорните точки е што огласот за избор на врховен судија Судскиот совет го распиша 2017 година, а изборот се спроведува речиси две години подоцна. Членови на Советот велат дека сепак немале законска можност да го поништат огласот по таа основа. Но, останува отворено прашањето дали на ваков начин не им се ограничува правото на судиите кои во меѓувреме ги исполниле условите да конкурираат на огласот.

Периќ експресно напредуваше во кариерата во неколку скалила. Таа беше избрана за судија во 2005 година во Основниот суд Скопје 2, па од таму, по спојувањето на судовите, по две години почна да суди во кривичниот суд во Скопје. За само 6 години е избрана за апелациски судија во 2011 година. За неполни 8 години го доби и највисокото место во судската власт.

судијката Цветанка Периќ

Цветанка Периќ беше во советот со Љиљана Ивановска Шопова и Сафет Кадрии, кои донесоа одлука со која им овозможија на осомничените од СЈО, Горан Грујевски и Никола Бошкоски право на жалба до Врховниот суд за предметот „Таргет-Тврдина“. Граѓанското здружение „Зелена лупа“, поднесе иницијатива за разрешување на Периќ до Советот за утврдување факти. Судскиот совет пред некоја недела ја запре постапката, за да ја избере за врховен судија. За Периќ беше поднесена и кривична пријава заедно со неколкумина други судии за истиот предмет, но скопското обвинителство ја отфрли.

Периќ беше и во советот кој ја укина пресудата за уништување на списите од прислушувањето и предметот „Тврдина 2“ за ексначалникот на петтата управа, Горан Груејвски го врати од почеток. Таа како дел од Советот во скопска Апелација потврди дека на Сашо Мијалков не треба да му се определи притвор во предметите на СЈО, со образложение дека и одземениот пасош е доволен за да се осигура неговото присуство на судењата.

Периќ беше во Советот кој му ја потврди казната затвор на Никола Груевски за предметот со набавката на „мерцедесот“, а за неа адвокатите на Груевски и тој самиот лично побараа изземање.

На вчерашната на Судскиот совет на која се гласаше за Периќ, членовите како договорени изрекоа најпофални зборови за судијката и без посебни образложенија гласаа за да биде избрана како судија кривичар во највисокиот суд. Судии за „А1он“ велат дека Периќ важи за блиска пријателка со поранешната претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Познато е дека Врховен кубури со судии во кривичната област. Нема да биде изненадување ако Лидија Неделкова од граѓанскиот оддел и од одделот за судење во разумен рок, биде префрлена да суди кривично.

Откако Судскиот совет ги разреши Рахилка Стојковска и Јово Вангеловски, кои беа во кривичниот совет, а истата постапка се очекува да заврши и за Ристо Катавеновски, недостасуваат најмалку тројца судии да судат кривично.

Ваквите избори, велат судиите за „А1он“, уште еднаш потврдуваат дека за најпрестижните места во судската власт не се избираат најквалитетните кадри со долг судиски стаж и искуство, туку, кадри со дискутабилни одлуки, кои ги менуваат ставовите зависно од политичката конјуктура која е на власт.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Судскиот совет ја промени ранг листата за избор на судии за Апелационен суд Битола

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Лидија Георгиевска избрана за претседателка на Вишиот управен суд

Петрушевски: Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството