Екссудијата и претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, влезе во затворот „Скопје“ во Шутка, каде треба да ја издржува две и пол годишната затворска казна. Тој сам се пријавил во затворот, а е сместен во приемниот оддел. Директорот на казнено поправната установа, Филип Андов, за „А1он“ потврдува дека Панчевски трети ден е во затворот.
Панчевски е во добра здравствена состојба, а ова е негов вторпат како влегува во затворот за издржување на досудената казна. Првиот пат, откако Врховниот суд одлучи да го врати предметот на Апелација, тој излезе за 13 дена од затворот. Сега, има потврдена казна од трите судски истанци.
Тој е осуден за случајот поврзан со АКМИС системот, за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Според обвинението, тој во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување.
„Обвинетиот со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, пишува во обвинението.