Не помина долго време за да се покаже дека критиките за Субрата Рој биле оправдани. Од сите помпезно најавувани инвестиции на индискиот милијардер, Македонија доби едно големо-ништо.
Потврда е и објавената вест во „Дневник“ дека Министерството за земјоделство ја активирало банкарската гаранција на индиската компанија „Сахара груп“ од околу 3 милиони евра поради неисполнување на обврските на компанијата од договорот потпишан при преземање на комбинатот.
– Точно е дека банкарската гаранција е активирана од наша страна, бидејќи индиската компанија не го почитуваше договорот. Гаранцијата е активирана во банката „Сосиете женерал“ и сега следува раскинување на доворот. Што ќе биде понатаму, ќе решиме дополнително. Најверојатно за земјиштето ќе се бара нов сопственик, изјавија од ресорното министерство за Дневник.
„Сахара груп“ требаше да плаќа годишен закуп од 121 илјада евра. за 5.353 хектари земјоделско земјиште, но и во првите 18 месеци да набави најмалку 8.000 грла крави, да вработи 900 лица и да инвестира најмалку 60 милиони евра. Но ова е само една од инвестициите на милијардерот кој се шеташе низ Македонија и најавуваше инвестиции на секој чекор.
Повеќе од јасно е дека ништо нема да се случи ниту со инвестицијата во Охрид, каде долг период се најавуваше луксузен комлекс во Љубаништа со луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода на површина од 240 хектари.
– Инвестициите на Субрата Рој во Република Македонија непречено ќе продолжат. Имаме и усна потврда од Рој дека неговиот проект и во Охрид и на други места во Македонија ќе се реализират согласно динамиката што е договорена. Времето покажа кој бил во право и ќе покаже и во иднина дека овие напори што се прават за реализација на инвестиции и за доаѓање инвеститори и отворање фабрики и работни места, а и за оваа инвестиција што се однесува на Субрата Рој ќе биде реалност. Јас сум убеден дека треба да продолжиме не со критицизам, туку со напори да се реализираат сите проекти што сме ги ставиле во програмата и да донесеме што повеќе инвестиции и од надвор и од дома, а со цел да се подобри животот на граѓаните, истакна министерот Зоран Ставрески, во февруари 2013 година.
Најавите дека ќе се продолжи со плановите за изградба на овој проект уште повеќе ги подгрева сомнежите дали Субрата Рој беше само ликот преку кој некој од овде сака да се добере за евтина сума со скапото и приватно земјиште во Охрид?
-Кај се чуло и видело градежно земјиште да се отуѓува по цена од 200 денари, ако има такво земјиште нека понудат тие на црквата и таа ќе биде заинтересирана за таков откуп, реагираше владиката Тимотеј на владините планови да земат и дел од црковното земјиште.
Освен што не почна ништо со инвестицијата во Охрид, Субрата Рој отиде и подалеку-најави дека ќе инвестира и во Преспа, односно по пропадната португласка инвестиција на компанијата „Аква Пура“. Португалците поставија камен темелник во 2007 година, а во 2011 се најавуваше дека ќе врие од туристи. Оваа инвестиција на Индиецот ја обзнани Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони.
-Кога Субрата Рој првпат беше во Македонија, разгледуваше повеќе места на кои би инвестирал. Негов прв избор беше Охридско Езеро, а за во втората фаза беше најавена инвестиција и на Преспанско Езеро“ изјави Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Тој кажа и дека очигледно е дека индискиот милијардер не се води само од само од строга бизнис логика.
-Субрата постојано изјавува дека е воодушевен од Мајка Тереза, од природните убавини и топлиот прием од нашите институции, изјави Мизо за „Дневник“, во номеври 2012 година, односно пред цели две години.
Пред нешто помалку од две години, во јануари 2013 година, со симболично поставување плоча на плоштадот „Македонија“, беше означен почетокот на реализацијата на проектот за поставување спомен-обележје на Мајка Тереза.
Не се кажа кога ќе почне изградбата, но очигледно е дека после две години нема никогаш и да почне, освен ако не се бара друг инвеститор и за споменикот. За крај, по многуте лаги и пропаднати проекти, за спомен останува пораката на Субрата Рој која ја кажа во новиот театар-спасот да се бара во сексот.
-Мора да разбереме дека голем дел од луѓето кои страдаат од сиромаштија ќе се приклонат кон уживање во сексот, како едно од ретките задоволства кои ги имаат, рече Субрата Рој во октомври, 2013 година.