„Иако е неизбежно е да забележиме омекнување на реториката на премиерот (истото беше случај и со министерот Адеми), сепак понатаму се инсистира на спроведување на дадената мерка. Тие се цврсти во ставот дека екстерно ќе има, што за нас е сосема неприфатливо. Би сакале да ја искористиме оваа прилика да го потсетиме премиерот дека со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46). Универзитетот е, како што беше безбројпати истакнато, највисоката образовна инстанца во општеството и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин.
Исто така, не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегле, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која би ги трпела пооследиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се приклучат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање.
По изјавата не можеме а да не размислиме на следните прашања: Дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што ние веќе го оспоруваме? Ако се сигурни во квалитетот на понудените реформи, тогаш зошто прават компромис и нашата генерација ја исклучуваат од истите? Изјавено беше и дека „постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит“, а всушност самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање ќе биде дисквалификациско.
Досега во секоја изјава како одговор на нашите барања се велеше дека секоја натамошна акција во однос на екстерното тестирање ќе бидат консултирани универзитетите како и ние, студентите. Сепак, премиерот излезе со нов модел на истото тестирање без воопшто да се консултира со било која од горенаведените институции. Затоа, овој предлог повторно го сметаме за нелегитимен.
Пленумот пoвтoрнo сака да пoсoчи дека уште нема никакви анализи каде пoтфрла квалитетoт вo висoкoтo oбразoвание, и какo државниoт испит е најефикасниoт начин за негoвo решавање. За нас е сеуште нејасно зошто не дебатираме за постоечките механизми за конторла на квалитет и како нив да ги направиме функционални, туку и понатаму се инсистира на ваквата мерка. Дебата околу реформите во високото образование е навистина неопходна, но таа не може да биде околу моделот на екстерното тестирање“, се вели во реакција на Студентскиот пленум, по повод изјавите на Премиерот Никола Груевски и Министерот Абдулаќим Адеми.