Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со провејување на снег претежно во јужните и југозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Според УХМР во наредните денови не очекува стабилно и студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Од средината на неделата ќе има услови за појава на утринска магла.
На Попова Шапка е формирана снежна покривка од 62 сантиметри, во Маврови Анови 57, во Крушево 39, Битола 33, Берово 26, Тетово 25, а во Скопје девет сантиметри, соопшти УХМР.
Најстудено утрово е на Попова Шапка -10 степени, во Маврово и Крушево е -7, Берово -4 Берово, -1 во Скопје, а над нулата е само во Гевгелија со два степена.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија пат. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Кичево, на Пресека и Буково, информира АМСМ
Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, на Пресека, Ѓавато и Плетвар и на патот Тетово – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.