Триесет и осумгодишниот Севдали Ќ. од Струга го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што вчера се случи на магистралниот пат Струга-Ќафасан во близина на селото Мали Влај.
Портпаролот на СВР Охрид Стeфан Димоски информира дека незгодата се случила во 9 часот и 40 минути, а од здобиените повреди лицето починало на местото на сообраќајната несреќа. Смртта била констатирана од медицинска екипа од Општа болница во Струга на местото на настанот.
– Сообраќајната незгода се случила кај местото викано „Василев дол“ кога сега починатиот, по магистралниот пат во правец од граничниот премин „Ќафасан“ кон Струга управувал патничко моторно возило „Форд фиеста“ со струшки регистарски таблици. Поради неприлагодена брзина према условите и состојбите на патот, изгубил контрола врз возилото, преминал на спротивната страна од патот и излетал надвор од коловозот, изјави Димоски.
На местото на несреќата по овластување на јавен обвинител, увид извршиле полициски екипи од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај – Струга. По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „Форд фиеста“ е подигнато за натамошен технички преглед.