Струшките пожарникари работат со застарен возен парк

Од:

Територијална противпожарна единица во Струга од неодамна се доекипира со уште шестмина вработени, но се уште работи со застарен возен парк.

Според командирот на единицата Урим Каба, противпожарната служба која покрива поголем дел од струшкиот регион се соочувала со недостиг од луѓе, но проблемот бил надминат преку преземање вработени од општинската администрација.

– Шестемина нови вработени ќе поминат соодветни обуки за да можат да се справат со ситуациите во кои ние секојдневно интервенираме. Во моментов најголем проблем ни претставува возниот парк којшто е стар околу 40 години. Добивме само едно ново возило како донација од меѓународната асоцијација „Флоријан“од Велика Британија и сме во преговори за уште едно такво, овојпат како германска донација, вели Каба.

Струшката локална самоуправа од општинската каса за заштита и спасување и за противпожарната заштита во 2013 година ќе одвои три милиони и петстотини илјади денари. Средствата ќе се трошат за заштита и спасување на луѓето, животната средина, природните богатства и културното наследство на подрачјето на општините Струга и Вевчани од пожари, поплави и други елементарни непогоди. Дел од нив, како што е предвидено во програмата, ќе се искористат за набавка на опрема, како и обука на кадри.

Освен општинските пари, во програмата за работа на противпожарната единица се предвидени и наменски донации во износ од пет милиони и петстотини шеесет и две илјади денари и наплатени премии од каско осигурување од еден милион и двесте илјади денари.

Од почетокот на годинава досега, на подрачјето каде што делува струшката територијална противпожарна единица се регистрирани 214 пожари од кои 60 проценти се случиле на отворен простор, а останатите најчесто биле пожари на оџаци.

Командирот Каба апелира до граѓаните, навремено и редовно да ги чистат оџаците, зашто како што вели, тие се најчестата причина за пожар додека трае зимската сезона.

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

Орце Костов

Опожарена трска на струшкото крајбрежје

Мерко молчи по двете поднесени обвиненија, во обвинителствата против него има уште 14 активни предмети

Александар Тодески

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Во Струга пронајдена почината жена

Автомобил излета од „Партизанска“ во Струга, тешко повреден е возачот

Горан Наумовски