Струмичката општа болница ќе добие најсовремена медицинска опрема

Од:

Управниот одбор на ЈЗУ Општа болница Струмица во присуство на министерот за здравство Никола Тодоров денеска донесе одлука за набавка на нова опрема за неколку одделенија во таа здравствена установа со цел зголемување на услугите кои таа ги дава и намалување на бројот на пациентите кои се праќаат на лекување во другите медицински центри.

Министерот Тодоров изјави дека станува збор за опрема во вредност од 3,6 милиони денари и за чија набавка веќе е распишан тендер. Ваквата одлука, посочи тој, е донесена по целосното согледување на состојбата во рамки на мониторингот на болницата кој почна во понеделникот, како и по сугестија на професорите од Клинички центар, со цел да не се препраќаат пациентите во Скопје, а со што ќе се избегне и нивно непотребно малтретирање и оптоварување на нивниот семеен буџет.

– Нова  опрема ќе добијат одделенијата педијатрија, ортопедија, урологија и дерматологија. Со овој тендер ќе се набави ехо-апарат за снимање на колкчиња кај бебиња. Според статистиката, годишно во Струмица има 1.400 новороденчиња. Ова услуга не се дава во Струмица и сите тие треба минимум четри пати да одат за Скопје, што значи 6.000 патувања и зголемување на обемот на работа во Скопје. Ортопедите тука се обучени за оваа дијагностика и со добивањето на апаратот ќе престанат маките на родителите, рече Тодоров.

Исто така, нагласи министерот, првпат ќе се набави и детска кардиолошка сонда, ехо-апарат за срце, кој ќе биде сместен во Детското одделение, со цел рано детектирање на срцеви мани кај децата.

– Ќе се набави дерматоскоп и апарат за лекување на малигни тумори на кожа. Ова  е неопходна опрема и наместо само дијагностицирање, пациентот ќе има и здравствен третман, истакна Тодоров.

За директорот на Општа болница Струмица, Анкица Анговска, набавката и докомплетирањето на опремата значи можност за зголемување на бројот на услугите, зголемување на буџетот на болницата и воедно докажување на знаењата и подготвеноста на лекарите во примената на современите здравствени третмани.

Според тендерот, целосното завршување на набавката на новата опрема е во рок од шест месеци.

Би можело да ве интересира

Министерот Алиу апелира: Граѓаните да пријават евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции

Министерство за здравство: Две комисии ја проверуваа Стоматолошката комора, одлуката е донесена врз база на факти

Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството