Струга и Вевчани ја парафираа Иницијативата за прогласување на планината Јабланица за национален парк

Од:

Градоначалниците на Струга и на Вевчани, Рамиз Мерко и Сашо Јанкоски, денеска во Струга ја потпишаа Иницијативата за заштита на планината Јабланица и нејзино прогласување за заштитено подрачје од категорија „национален парк“.

Јованчо Секулоски во име на Иницијативниот комитет за прогласување на Јабланица за национален парк истакна дека стекнувањето статус национален парк ќе значи трајна и одржлива заштита на раритетните географски карактеристики и биолошката разноликост на планината, истовремено спречувајќи нејзино натамошно деградирање како природно и културно богатство.

– Убедени сме дека оваа Иницијатива покрената уште пред десет години е во најдобар интерес на граѓаните на општина Струга и општина Вевчани и одржливиот развој на целиот регион, особено за развојот на туризмот. Предложеното зонирање во зони на строга заштита, зони на активно управување, на одржливо користење и заштитени појаси не се ограничувања, туку камен-темелници на идниот развој на целиот регион. Иницијативата е во согласност со Конвенцијата за биолошка разноврсност на Обединетите нации и политиките на Европската агенција за животна средина, истакна Секулоски.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко од своја страна нагласи дека општините Струга и Вевчани целосно ќе ги поддржат сите активности во насока на заштита на Јабланица и нејзинот прогласување за национален парк.

– Јабланица е исклучително богата со води и шуми, разновидна флора и фауна што вреди да се зачува, како за нас самите, така и за идните генерации. Ова нека биде вовед во активностите насочени кон заштита на природата. Ние како луѓе треба да сме свесни од потребата за заштита на природата од која и самите зависиме, рече тој.

Неговиот колега, градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски потсети дека дел од општината Вевчани од 2012 година е заштитен со закон како споменик на природата, што е чекор до статусот национален парк.

– Целосно ја поддржуваме иницијативата, со надеж дека ќе биде заокружена со прогласување на Јабланица за национален парк, рече Јанкоски.

Иницијативата парафирана од двајцата градоначалници, од седумте претседатели на месни заедници, како и од бројни претставници на невладини организации од регионот ќе биде доставена до ресорното Минситерство за животна средина и просторно планирање, како гласно изразена волја на граѓаните за продолжување на процедурата за донесување закон за прогласувње на Јабланица за национален парк.

Би можело да ве интересира

Изгаснат е пожарот во Безистенот во Струга, зафатена кровната конструкција

ВИДЕО: Гори Безистенот во Струга

Катерина Ѓуровски

Левица: Во јадрото на Старата струшка чаршија се гради незаконски без одобрение за градба

Горан Наумовски

Кривична за стружанец поради предизвикување пожар, запалил трева и ѓубриште, па си заминал

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Струга домаќин на 13. државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“