Најмалку една година да се пролонгира обврската за поставување заштита од неконтролирани движења во лифтовите, бара Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, постапката за ваквиот тип модернизација се уште не е прецизирана, а ако, пак, заштитниот систем се воведе, тоа ќе значи дополнителен трошок за граѓаните, како и и ризик за статиката на лифтовите со оглед дека предвидува дополнителни винкли, кочници, јажиња,…, односно ставање плус тежина од најмалку 70 килограми.
Обврската за поставување заштита е одредба од Правилникот за користење лифтови донесен во 2009 година и треба да стапи во сила од 1 јануари 2016-та. Нејзината примена, како што предупреди Комората, ќе се коси и со целокупната техничка документација од производителот на лифтовите, односно ќе биде некомпатибилна.
– Лифтовите и сега се безбедни. Редовно подлежат на технички прегледи и се сервисираат. Предвидената заштита што треба да ја имаат од 1 јануари 2016-та е многу висок стандард за чие имплементирање не се исполнети потребните технички предуслови, ниту е дефинирана постапката, рече Даниела Михајловска Василевска од Комората.
Според неа, монтажерите и сервисерите кои се членови на Групацијата во Стопанската комора, не се против какво било модернизирање на лифтовите, но сметаат дека со ваквата одредба речиси сите лифтови инсталирани досега, вклучително и увезените до 2014 година, ќе треба да бидат надоградени, кај сите нив ќе треба да се направат дополнители инвестиции.
– Засега не може да се каже колкав ќе биде трошокот за корисниците на лифтовите од евентуалното воведување на системите за заштита бидејќи тоа зависи од повеќе фактори како големина и година на производство, истакна Војкан Николовски од Здружението на металната и електроиндустријата при Комората.
Николовски укажа и дека сите лифтови се од странски производител бидејќи Македонија нема сопстевно производство што ја усложнува ситуацијата зашто постојната техничка документација нема да одговара на новите карактеристики на лифтовите.
Согласно Техничката инспекција, во Македонија моментно се регистрирани преку 2.000 лифтови, а податоците од терен велат дека низ објектите се инсталирани уште 10.000. Нив засега ги сервисираат 20 компании.