Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја потврдил принципиелната позиција на Бугарија за поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Република Северна Македонија, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев истакнал дека Бугарија, за да го поддржи почетокот на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, има потреба од конкретни дејствија и гаранции за трајното и неповратно исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
– Очекуваме од Република Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите. Бугарија од своја страна останува активно ангажирана во изнаоѓањето можности за решавање на отворените прашања, рече Стоев.
За време на средбата на Стоев со Вархеји, кој се наоѓа во посета на Бугарија, министерот Стоев го истакнал континуитетот на политиката на техничката влада во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија, што произлегува од Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 и Рамковната позиција, усвоена од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година.
Шефот на бугарската дипломатија го запознал еврокомесарот Вархеји со актуелните процеси во билатералниот дијалог со Северна Македонија, истакнувајќи ги, како што посочил, напорите што Софија ги вложува за обновување на довербата на сите нивоа, како и со експертските консултации меѓу двете министерства за надворешни работи, спроведени, како што посочил Стоев, на иницијатива на Бугарија.
– Бугарија останува доследна во поддршката на европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Репубика Севррна Македонија. Водени од таа позиција, инвестиравме сериозни напори за одржување отворен дијалог со нашите соседи за враќање на довербата во односите, рече Стоев.