Токму во орвелијанскиот манир на „новоговорот“, мислам дека сегашната македонска десничарска пропаганда успеа од зборот соросоид во последните години да создаде речиси опиплив политички ентитет, групна ознака за луѓе во Македонија кои ги краси космополитизам („непатриоти“), културно-политичка толеранција („педери“), граѓански активизам („странски платеници“) и инсистирањето на индивидуалните слободи наспроти диктатот на, особено, етно-националниот колективизам („предавници“) во кој овдешните националисти и шовинисти, но и посветлите „нијанси“ на конзервативците, препознаваат смртна опасност за зачувување на македонската (а со одредени варијации и албанската) „национална кауза“.
Пишува: Сашо Орданоски
Многубројните детали за ниските страсти, злоупотребите и кршењата на законите кои произлегуваат од објавените прислушувани разговори – на пример, некои анализи покажуваат дека само во 15-тина минути разговор меѓу министерката Гордана Јанкуловска и секретарот на Владата Кирил Божиновски има директни индиции за десетина тешки кривични дела за кои се суди казна затвор од над пет години! – ја наметнуваат дилемата за тоа колкава мора да е воспитно-образовната запуштеност на овие релативно млади луѓе за тие со толкава омраза да говорат за политичките противници, за цели етнички групи на население, за одредени јавни професии (за новинарите, на пример), па дури и за некои колеги од сопствената партија кои ги доживуваат како одредена политичка конкуренција?! Кога и заради што им се собрало толку зло во душата, таква омраза и желба за одмазда? Кои вредности ги водат нив во политиката, во животот? Конечно, имаат ли тие луѓе родители кои ги учеле на чесност и добрина – или баш сите потекнуваат од нефункционални семејства каде детските и тинејџерските фрустрации довеле до такви тешки облици на политички патологии за кои е прашање дали во оваа земја постои експертиза за нивно клиничко лечење?
Стаписани од слушнатото количество злоба и политички цинизам во преслушаните телефонски разговори, станува валиден заклучокот дека фамилијата на власт во Македонија навистина изнедрила политички дебили кои заземаат високи партиски и државни функции во општеството.
Има ли во нивните души нешто друго, освен бројни нијанси на црно?
НОВОГОВОРОТ НА НОВАТА ЕЛИТА
Паралелно со овој процес на „замрачување“ на македонската политика се одвиваше и процес на менување на јазикот, создавање на еден синтетички новоговор сличен на Орвеловите претскажувања. Во политикологијата и во социологијата веќе стотина години наназад е јасно дека јазикот (организираниот систем од зборови и изрази) не е само „медиумот“ низ којшто се преплетуваат идеологијата и политиката во едно општество и во една култура, туку е политички фактор сам за себе, којшто покрај тоа што им дава значење на политичките состојби, такви состојби и самиот креира. На пример, токму во орвелијанскиот манир на „новоговорот“, мислам дека сегашната македонска десничарска пропаганда успеа од зборот соросоид во последните години да создаде речиси опиплив политички ентитет, групна ознака за луѓе во Македонија кои ги краси космополитизам („непатриоти“), културно-политичка толеранција („педери“), граѓански активизам („странски платеници“) и инсистирањето на индивидуалните слободи наспроти диктатот на, особено, етно-националниот колективизам („предавници“) во кој овдешните националисти и шовинисти, но и посветлите „нијанси“ на конзервативците, препознаваат смртна опасност за зачувување на македонската (а со одредени варијации и албанската) „национална кауза“.
Од друга страна, и супер-новата кованица шупраиш е на добар пат да стане постојан комуникациски сигнификатор на политичката леснотија со која овде се узурпира демократијата, зад што стои цела низа од подлабоки значења и општествени патологии какви што се приватните фрустрации, алчноста, лошото (и погрешно?) образование или недокваканоста (животна и политичка) на актерите на тековниот македонски демократски бродолом.
Сличен пример наскоро би можел да стане и синтагмата „креирани разговори“ која во новоговорот на македонскиот „прислушен“ авторитаризам е замена за едно покомплексно „самоутепајско“ разбирање на општествената реалност содржано во признанието нѐ-фативте-со-спуштени-гаќи-дека-сме-прислушувале-ама-ние-од-политички-и-кривични-причини-не-можеме-да-признаеме-дека-сѐ-што-е-на-лентите-е-точно-од-збор-до-збор-па-затоа-ќе-измислиме-и-нова-реалност-ако-треба-само-за-да-не-се-види-вистината-што-со-години-успешно-ја-криевме.
Каква друга логичка, јазична,политичка или правна смисла може да има глупавата кованица „креирани разговори“?!
ВЛАСТА ВО ДЕФАНЗИВА
Ваквата појава во психологијата на масовните комуникации се нарекува општествен процес на „врамување“ на реалноста и, во суштина, претставува натпревар за тоа кое компетитивно политичко значење ќе „победи“ во јавноста: дали поголемиот дел од македонската јавност ќе прифати дека прислушувањето е само уште еден вообичаен валкан дел од политичката игра (politics as usual) заради што не треба да има поголеми возбудувања („Па што, сите прислушуваат!“; „Голема работа, мене можат колку сакаат да ме прислушуваат!“ и тн.); или дека е тоа скандалозна и недозволива постапка за која, кога навистина веќе ќе ве фатат „со спуштени гаќи“, во политиката мораат да се сносат тешки консеквенции, од кои клучната е трајното губење на легитимноста, а потоа и легалноста на власта.
(Додуша, вреди да се размисли дали прашањето за дружината на Груевски не е во тоа што некој ги фатил „со спуштени гаќи“, туку дека, после десетина години опуштени на власт – како во една српска поговорка – „коме је суѓено да буде ј…н, гаќе саме падају“?!)
Значи, од исходот на овој политички натпревар ќе зависи натамошната демократска судбина на државата. Тоа го знае и власта и опозицијата. Власта, во ситуација во која, убеден сум, продолжува, како неизлечив политички наркоман, со уште поголемо темпо и страст да прислушува (и видео-снима!) и континуирано да го злоупотребува тоа во политичката борба со противниците, се обидува преку својата долги години градена и скапо „подмачкувана“ пропагандна машинерија грубо да им се наметне на граѓаните; наспроти скромните и сиромашни медиумски ресурси на опозицијата, но значително помогнати од здравиот дух на јавноста, од привлечниот шарм на отпорот и од растечката анти-владина сатира која вирално и незапирливо се шири преку социјалните медиуми, особено поткрепена од релативно помладата, покреативна популација.
Такашто, колку што е политички, овој натпревар – во традицијата на разбирањето на модерното општество како доминација на пазарот во сите пори на живеењето – е натпревар и во занаетот на односите со јавноста, за освојување на рационалните и емотивните реакции на политички неопределениот дел од публикумот, надвор од тврдите („сечеме вени“) кругови на партиските поддржувачи на левицата и десницата. И, види чудо, се чини дека опозицијата, досега, не само што ја натера власта во политичка и медиумска дефанзива, туку донекаде успеа да ја пробуди и заспаната меѓународна заедница, кој инаку е традиционално наклонета кон балканските демократски насилници и живописни приглупи дивјаци кои им ја гарантираат стабилноста во нивното јужно-европско предворје.
МАЛИ МАЖИЊА СО ГОЛЕМИ СУЕТИ
Затоа е валканата борба за пресудно влијание во медиумите еден од клучевите на успехот на секој пристоен деспот. Прислушувањата во Македонија тоа во изобилство го потврдуваат, дури и со такви ингениозни антологиски „увлакачки“ епизоди како онаа на г. Стојменов, сопственикот на ТВ Канал 5, кој не се стеснувал да ја исклучи струјата во сопствената телевизија (!!!), само макар и трага од вистината за деспотот да не излезе преку неговиот телевизиски медиум! Само така и може да се објасни долгогодишното „опојно“ популистичко влијание на Груевски во македонската јавност, ако се земат предвид неговите скромни лични политички, а сега слушаме и морални капацитети. Мало човече, но со мноoooгу голема суета кој, ете, сериозно разговарал – на седница на Влада, nota bene! –и од Охридско Езеро да се направи море!
Впрочем, како што забележува, додека беше жив, на едно место неодамна убиениот руски опозиционер Борис Немцов, сите руски диктатори биле физички мали луѓе, главно „метар-и-жилет“: Иван Грозни, Ленин, Сталин… Путин. Мажиња, со мал број на чевлите, но со огромна моќ во рацете. Но, за оние кои во Македонија се чудат зошто ОБСЕ реагира на екстремниот говор на омраза во нашите провладини медиуми, важно е да се знае дека од доаѓањето на Путин на власт во Русија во јануари 2000 г. најмалку 23 новинари се убиени во земјата заради нивната истражувачка работа поврзана со криминалите, корупцијата и другите илегални активности на рускиот режим. На тој попис на убиства треба да се додадат и повеќе анти-владини активисти, активисти за човекови права и опозициски политичари. Па, како и во случајот сега со Немцов, иако и во минатото се фатени некои од извршителите на овие политички ликвидации, ниту еден нарачател на тие убиства во последните 15 години не е откриен.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).