Уставот, законите, но и актуелната политика ја штитат верската слобода, а во пракса, македонската Влада генерално ги почитува верските слободи, оценува Стејт департментот во објавениот глобален годишен извештај на оваа тема, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
„Владата ниту демонстрирала тренд кон подобрување, ниту кон влошување во однос на почитувањето и заштитата на верските слободи“, наведува официјален Вашингтон.
Владата во Скопје продолжува да го применува законот за верските заедници што бара нивно регистирање кај владата, иако некои од нив се жалат дека тој не се спроведува подеднакво, стои во документот на Стејт департментот.
Обештетувањето за верски имоти од времето на поранешна Југославија се вели понатаму во извештајот, продолжува да се одвива со бавно темпо, а има извештаи за општествена злоупотреба и дискриминација врз основа на верска припадност, убедувања и вероисповед.