Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова на денешното рочиште за случајот „Траекторија“ на кое се репродуцираат СМС пораки поврзани со изградба на патиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, ги замоли обвинетите да ги остават телефоните и повеќе внимание да посветат на судењето.
– Дел од обвинетите се цело време на мобилните телефони наместо будно да ја следат расправата, би ги замолил да ги исклучат телефоните и да ја следат расправата, рече Стефанова.
По кратката пауза, во судницата во Кривичниот суд продолжи репродукцијата на СМС пораките помеѓу Миле Јанакиески и експремиерот Никола Груевски од кои ме да се види координацијата во однос на потпишувањето на договорите со кинеската фирма за изградба на автопатите.
Случајот „Траекторија“, е отворен против четири службени лица – експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП државни патишта, Љупчо Георгиевски, за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата-изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
Виктор Јованов