Деновиве се интензивираат подготовките за локалните избори на 17 октомври. Државната изборна комисија (ДИК) веќе ги презеде од германската компанија „Дермалог“ првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи, коишто ќе бидат употребени на претстојните локални избори.
Во следниот период со овие терминали ќе се вршат обуките, а до 1 октомври треба да дојде и последната пратка и да се комплетира бројката на терминали и целосната дополнителна опрема.
– Ќе треба да се обучат избирачките одбори. Прво ќе треба да се обучат обучувачи на тие избирачки одбори и поради тоа овие уреди ќе бидат полнети со фиктивни податоци од тие кои се присутни таму. Ќе се пробува како се ракува со нив за да може да бидат подготвени на денот на гласањето, изјави вчера претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Тој најави дека следните четири пратки ќе бидат од по 950 терминали, како и дека во третата пратка ќе биде и софтверот за полнење и празнење на овие терминали, а како што рече, ќе бидат сукцесивно испорачувани во наредните четири недели, секоја недела по 950 со тоа што третата недела ќе дојде со таа пратка и софтверот.
– Очекуваме дека на 1 октомври ќе дојде и последната пратка. Меѓутоа, може да задоцни два-три дена што не значи ништо во целосниот процес бидејќи тие треба да бидат наполнети со 13 октомври, а некаде на 15 октомври ќе бидат однесени до општинските изборни единици за да се поделат на избирачките места за гласање, појасни Даштевски.
Тој е уверен дека се што било кажано ќе биде реализирано, бидејќи, како што рече, се работи за сериозна компанија.
-Ние се обидовме сите детали да ги прецизираме, да биде се направено како што треба пред да започне процесот и се надевам дека ќе биде во ред. Е сега за денот на изборите не можам ништо да кажам бидејќи не се знае, првпат е и сметам дека ќе помине добро, ама да причекаме, истакна Даштевски.
На прашањето дали оваа опрема ќе придонесе да се зголеми довербата во изборниот процес кај граѓаните, тој истакна дека одлуката за нејзина употреба била токму од тие причини.
Тој напомена дека покрај 4000 терминали има набавено дополнителна опрема со нив како што е термален скенер, термален принтер, каблови, сервер, батерии таму каде што нема струја да може да работат 24 часа.
-Податоците во нив ќе бидат криптирани, ако сте информирани знаете дека криптирањето е најскапа операција. Покрај опремата, ние купивме и услуги тие да бидат тука и да го завршат процесот до крај, бидејќи нашите инженери не ја познаваат оваа опрема и тие може само да соработуваат со нив. Значи, купена е и услуга која ќе биде од доставувањето до завршувањето со обуките и со денот на изборите се да биде како што треба, рече Даштевски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ во врска со набавените и пуштени во употреба апарати за отпечатоци од прсти кои беа услов на опозицијата, рече дека е многу посоодветно да се направи и корекција во законот и да се овозможи верификација на идентитетот на гласачот како и досега.
– Всушност го предвидовме и стариот начин на идентификација гласачи, но онаму каде ќе има техничка неможност да се користи фингерпринтот, односно веќе оставивме алтернатива, нагласи Маричиќ.
Тој додаде дека доколку не се стаса за овие, апаратите ќе се употребат за наредните избори.
– Ние на време направивме законска измена и обезбедивме средства како Влада, а сега се е во рацете на ДИК. Мислам дека е можно да се имплементира системот до почетокот на изборите. Ако не, ќе треба да се направи промена во методот на идентификација на гласачот, изјави министерот за правда.
Според Маричиќ, изборите не треба да се одложат, бидејќи така и мандатите на градоначалниците ќе бидат продолжени, иако досега сме имале такви искуства.
– Државата е подготвена за фер и демократски избори. Во последните четири години имаме успешна слика за тоа како организираме избори, заклучи Маричиќ.
Партиите и други кандидати кои собираа потписи за независно учество на изборите веќе ги започнаа активностите за изборите, а за денеска и за следните неколку дена е најавено промовирање на преостанатите кандидаи за градоначалници и објавување на носителите на советничките листи.
Премиерот Зоран Заев изјави дека со промовирање на досега сработените проекти по реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори не се прекршува законот и оти сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на падемијата.
– Должност е на сите да им предочиме на граѓаните што е направено, сите информации. Пред неколку дена бев и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од Ковид -19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата, која трае и продолжува, а ние мора да ја димензионираме нашата нова реалност со која живееме, рече Заев.
Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија.
Премиерот и лидер на СДСМ Заев повтори дека нивната коалиција со ДУИ, со Беса и ДПА и со другите партии е принципиелна и дека таму каде што имаат свои кандидати тогаш ќе ги остават граѓаните сами да си одлучат.
-Таму каде што СДСМ нема кандидат тогаш на нашите симпатизери и членови ќе им препорачаме за тоа што е најдобро за нив. Во вториот круг, кога ќе влезе еден од коалицискиот кандидат наспроти еден од опозоцијата, логиката вели дека ќе гласаме за тој од коалицијата. Ако се случи да влезат двајца членови на коалицијата сите наши членови ќе добијат напатствија да гласаат онака како што мислат дека е најдобро за нивната општина, рече Заев.
Претседателот Али Ахмети на денешното Централно претседателство на ДУИ, што ќе се одржи во Гостивар, ќе претстави 18 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
-Сите имиња се проверени на бројни анкети што се спроведувани неколку месеци и ја имаат огромната поддршка од сите граѓани во нивните општини. Затоа се кандидати, затоа што ќе бидат и победници и затоа што граѓаните се задоволни од нивната работа. Очекуваме сите тие да бидат победници, повеќето во првиот круг, а многу малку во вториот круг, изјави вицепремиерот и министер Артан Груби, кој доаѓа од оваа партија.
Тој нагласи дека граѓаните согласно нивните убедувања ќе одлучат за кого да го дадат својот гласот во вториот круг, доколку има општина во која ќе се натпреваруваат кандидати од ДУИ и БЕСА, и порача дека очекува тоа ретко да се случи.
Прашан каква кампања очекува од политичките противници, Груби рече дека станува збор за многу несвојствена коалиција.
-На социјалните мрежи ја нарекуваат коалиција 27. Тоа е коалиција на поделби, а не е на заедништво, коалиција на Скопје 2014, а не на едно цело и заедничко наше Скопје. Едвај чекам да го видам денот кога сите гласачи на Алијанса со цело свое срце, ентузијазам и љубов ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и Христијан Мицкоски и обратно сите патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, сите кои влегоа на 27 април во Собранието и сите што го поддржуваат Скопје 2014 ќе гласаат со големо убедување и цело срце за Зијадин Села и Алијанса, рече Груби.
Опозициската партија во реакција возврати дека Груби за многу брзо време јавно ќе се кае за неговите инсинуации.
-Ја разбираме паниката, но и стравот на СДСМ и ДУИ од окрупнувањето на опозицијата затоа што и СДСМ и ДУИ ќе бидат поразени на овие избори, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, најдобар портпарол во моментов на СДСМ е Артан Груби, кој, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е познат по неговите чести трансформации при што веруваат дека за многу брзо време јавно ќе се кае за овие негови инсинуации.
-Криминалната коалиција СДСМ – ДУИ ќе доживее тежок дебакл, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Преостануваат уште шест дена за јавниот увид во Избирачкиот список, а проверката граѓаните можат да ја извршат во подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски преку веб страната на Комисијата.
На 11 септември завршува рокот за поднесување кандидатури за локалните избори, за кои кампањата за првиот круг почнува на 27 септември и завршува на 15 октомври на полноќ. И овие избори треба да бидат спроведени согласно мерките за заштита од ширењето на Ковид-19.