Агенцијата за млади и спорт во соработка со Министерството за внатрешни работи денеска ги стартува кампањите „Насилство раѓа насилство“ и „Почитувај ги сообраќајните прописи, почитувај го животот. Не пиј додека возиш!“, со цел да ја издигне свеста кај младите дека непочитувањето на сообраќајните прописи го загрозува нивниот живот, како и на останатите лица и да ги поттикне младите да не користат говор на омраза.
АМС , со цел да ја издигне свеста на младите дека со непочитување на сообраќајните прописи, го загрозуваат сообраќајот, го загрозуваат нивниот живот и ги доведуваат во опасност животите на останатите учесници во сообраќајот, подготви две видеа насловени „Уште една“ и „Не се сите светла празнични светла“, како главни промотивни средства.
Со кампањата „Насилството раѓа насилство“, АМС во соработка со МВР сака да ги едуцира и поттикне младите да не користат говор на омраза, но и да не посегнуваат по каков било тип на насилство, воопшто, туку напротив да бидат проативни и да се вклучат во процесот на спротивставување и спречување на сите појави на насилно делување. Изготвени се две видеа насловени „Насилство“ и „Тупаница“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека сите заеднички треба да се грижиме за безбедноста, посочувајќи дека во изминатиот период МВР промовирало превентивен пристап како редовно полициско работење.
– Предвидовме поттикнување на училишни тимови за безбедност во кои директно партиципираат учениците. Планирано е во повеќе општини во Скопје да бидат реализирани работилници на кои ќе се третираат прашањата кои се однесуваат на насилството, на надминувањето на предрасудите и стереотипите меѓу младите, но да се организираат и едукативни работилници со други здруженија, информираше Спасовски.
Наведе дека изминатиот месец активно се спроведува кампања, во пресрет на новогодишните празници, со цел да се превенира користењето на пиротехнички сретства.
– Во последните 10 години најмалку жртви има во сообраќајни несреќи во 2018 година, нагласи Спасовски.
Посочи дека најголемиот ефект при зачувувањето на безбедноста е токму превенцијата.
– Застрашувачки беше податокот на почетокот на оваа година. Во Скопје дури 30 проценти од возачите беа под дејство на алкохол кога започнавме една систематска контрола во тој дел. Сега на крајот од оваа година тој процент е намален на околу пет отсто, што е и просекот во Македонија, истакна Спасовски.
Директорот на АМС Дарко Каевски истакна дека кампањите се со цел да ги поттикнат младите луѓе колку што е можно помалку да учествуваат во сообраќајот под дејство на алкохол, како и да не користат говор на омраза.
– Во 2017 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е 155, од нив 36 биле на возраст до 24 години. Една бројка што укажува дека мора да се превенира, за да ги отстраниме ваквите појави, потенцираше Каевски.
Посочи дека, втората кампања „Насилство раѓа насилство. Сопри го, не го разгорувај“ се однесува на нешто што е поактуелно во изминатиот период, наведувајќи дека особено на спортските натпревари, се случиле многу немили настани, што укажуваат дека државни институции треба соодветно да регираат и заеднички да превенираат.