Старите возила меѓу најголемите загадувачи на воздухот, велат импортерите

Од:

Групацијата на импортери на моторни возила при Сојузот на стопански комори (ССК) ги подржува маршот и иницијативата на средношколците од медицинско училиште „Панче Караѓозов“ и на невладините организации  за здрава животна средина.

Загадувањето на воздухот, смета Групацијата, во голема мера е резултат и на согорувањето на горивата од старите нееколошки возила. Затоа апелира на  воведување на нормата Еуро 4  за половни возила во првиот квартал од 2013 година со која е предвидено да се увезуваат возила не постари од 7 години.

– Значаен е фактот дека новите возила се карактеризираат со ниска емисија на јаглерод диоксид и штетни честички во воздухот, располагаат со  посебни филтри кои ги задржуваат штетните канцерогени честички и не ги пуштаат во атмосферата. Наспроти ова, во последните три години се увезоа околу 110.000 половни возила со Еуро 1 или Еуро 2 норматив кои немаат заштитни филтри и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот, стои во денешното соопштение на импортерите.

Според нив, со увозот на преку 100.000 користени автомобили во последните три години е задоволен социјалниот момент на сегментот потрошувачи кои покрај тоа што не беа во можност да купат нов автомобил, успеаја да го заменат својот престар автомобил со само стар автомобил кој не одговара на еколошките стандарди.

– Мерките со кои се дозволува натамошното увезување на возила со Еуро 1 или Еуро 2 норматив стануваат контрапродуктивни бидејќи овозможуваат увоз на многу стари возила кои се големи загадувачи на животната средина, наведува Групацијата.

Согласно  извештајот на  Светската банка од ноември 2012 година, загадувањето на воздухот со ситни честички ја чини економијата 253 милиони евра годишно или 3,2 отсто од БДП за 2011 година.

– Во најголем дел од земјите од ЕУ, давачките при регистрација на возилата се ориентираат според емисијата на јаглерод диоксид, често во комбинација со тежината на возилата или моќноста на моторот, посочува Групацијата.

Во Скопје последните мерења на штетните честички на воздухот покажаа дека загадувањето е 20 пати поголемо од дозволените граници. Според европските стандарди максимално дозволената граница е 50 милиграми на кубен метар.

Групацијата на импортери, повикувајќи се на анализата на Светска банка објавена неодамна во Македонија, потсетува дека годишно умираат по 1.350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со ситни лебдечки честички ПМ10. Во извештајот на Светска банка е наведено дека доколку Македонија се насочи кон намалување на честичките ПМ10 и ПМ2,5  до вредностите на европскиот лимит, ќе се избегнат 800 смртни случаи, илјадници денови во изгубена продуктивнос, а тоа ќе резултира со 151 милион евра во здравствени заштеди годишно.

Би можело да ве интересира

Почнува летното сметање на времето

Утре и в недела на планинските превои возете внимателно, со зимска опрема и доволно гориво, апелира ЦУК

А1он

Максимална температура денеска до 9 степени, утрово најстудено во Маврово и Берово

А1он

Времето денеска облачно и дождливо, се очекува снег на планините

А1он

Денес и во деновите од викендов дожд и грмежи, потопло од понеделник

Горан Наумовски

Утре променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Ана Ололовска