Новиот ковид – центар што го подготвија приватните болници во просториите на поранешниот хотел „Ибис Стајл“, односно на местото на некогашната гинеколошка клиника „Мала Богородица – Систина“, е резервен капацитет кој ќе се стави во функција доколку се преполнат државните центри, велат од Министерството за здравство за „А1он“. Во моментов, според Министерството, слободни болнички кревети во државните ковид – центри има, а се подготвува и отворање нови. Ваков став добивме од Министерството откако вчера клиниката „Аџибадем Систина“ соопшти дека новиот ковид – центар е подготвен, а за да ги прими првите пациенти се чека потпишување на потребните договори.
„Иако во моментов имаме тренд на стабилизација на бројот на хоспитализирани пациенти, односно бројот на испишани и примени пациенти е идентичен во изминатите неколку денови, повеќе пати досега се покажа дека вирусот е непредвидлив и мора да имаме обезбедени капацитети. Во рамките на Клиничкиот центар имаме и во овој момент слободни кревети и во интерните клиники и во Институтот за белодробни заболувања и сите тие функционираат во систем на координација заедно со Инфективната Клиника. Следен дополнителен капацитет во рамки на Клиничкиот центар ќе биде една од хируршките клиники за што е направен план кој ќе се активира доколку има потреба“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
За целосно да биде подготвен и да стои на располагање на државното здравство и ковид – центарот во стара „Систина“ останува Центарот за управување со кризи да склучи договор за користење на капацитетот со приватните болници, а потоа приватните болници да склучат договори и со Фондот за здравствено осигурување кој ќе им исплаќа по 100 евра за лекување на еден пациент дневно.
Објектот треба да го провери и одобри и комисија од Министерството за здравство.
„По добивање на барање на приватните болници за отворање на нивните подружници Министерството за здравство ќе формира комисија која ќе излезе на терен да се утврди исполнетост по однос на простор и опрема“, појаснуваат од Министерството за здравство.
Приватните клиники вчера се пожалија и дека сѐ уште не добиле дозвола за поставување станица за кислород пред стара „Систина“. Денес министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека заедно со Општина Карпош се во преговори за обезбедување на потребната дозвола.
Стара „Систина“, која последниве три години функционира како хотел, а на почетокот на пандемијата се користеше и како државен карантин, има 100 болнички кревети, сите опремени со централен довод на кислород. Во неа, според договорот на сопствениците на болниците „Аџибадем Систина“, „Ре – Медика“ и Клиниката „Жан Митрев“ со министерот за здравство Венко Филипче, ќе работат петмина доктори, 30 медицински сестри, 8 болничари и друг медицински персонал, 8 лица за обезбедување, 6 лица администрација и 12 лица болнички персонал. За нив плати ќе обезбедат приватниците клиники, согласно договорот со министерот, за кој „Аџибадем Систина“ укажа дека сѐ уште не е во пишана форма и дека сѐ што презеле, е преземено врз оснава на усниот договор и барањето на министерот Филипче да отстапат дел од капацитетите за лекување по прогласување на кризната состојба.
Приватните клиники, по барањето на министерот, се договорија во ковид – центар да го опремат хотелот „Ибис Стајл“ за да не се прави метеж во нивните сегашни капацитети за што планираната инвестиција беше 600.000 евра.