Стапува во сила кризната состојба: Жителите на Дебар и Центар Жупа до полноќ да се вратат во домовите

Од:

Владата на денешната седница ја донесе одлуката за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, а донесена е и одлука да се затвори ски центарот Маврово и граничните премини Џепиште–Требиште и Блато кон Албанија.

Од Владата соопштуваат дека периодот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот, а со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, е најмногу до 30 дена.

Оваа одлука ќе се достави до Претседателот и до Собранието.

Понатаму, Владата му предлага на Претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справување со кризната состојба.

Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш треба да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со настанатата ситуација на подрачјата на општините, со целосен преглед на расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план на координирано дејствување во кризните подрачја.

Зо општините Дебар и Центар Жупа е донесена одлука за забрана и посебен режим на движење, односно забранет е влез и излез од подрачјата на општините и мерка за воведување посебен режим на движење на населението внатре во овие подрачја.

Посебниот режим на движење на населението внатре во овие подрачја треба да го утврди Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.

Министерството за здравство – Комисијата за заразни болести треба да издаде препораки/протокол за тоа како и на кој начин да се одвиваат движењата на превозниците во и од  Грција за дотур на нафта и нафтени деривати, како и во подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа на кои е прогласена кризна состојба, односно како и на кој начин преку соодветни мерки истите да се заштитат. Дополнително, во протоколите/препораките од Комисијата за заразни болести треба да бидат опфатени сите превозници (гипс и гипсени производи, превоз на храна и други производи) кои ќе вршат дотур преку влез и излез на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа.

Владата донела и одлука да се затворат граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, како и да се затвори Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ – с. Маврово – Маврови Анови.

„Жителите од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа кои се надвор од територијата на овие општини, може да се вратат во своите домови на 13.3.2020 година до 00.00 часот на полноќ“, стои во соопштението на Владата.

Се задолжуваат Министерството за здравство, МВР, Министерството за транспорт и врски, МНР, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со настанатата состојба.

Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, МВР и МНР, до крајот на денот, да номинираат членови на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.

Би можело да ве интересира

Митева: Владата достави предлог за разрешување на Јавниот обвинител

Горан Наумовски

Владата денеска решава дали ќе ги прифати предлозите на трговците или ќе донесе и свои мерки

Почувствуван земјотрес во Дебар и околината

Катерина Ѓуровски

Владата и Стопанската комора го поддржуваат денешниот бојкот на големите маркети

Горан Наумовски

Левица: Владата кажа дека нема да го помага ЕСМ – цехот ќе го плаќаат граѓаните со поскапо парно

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска