Бојкотот не е решение на политичката ситуација во Македонија! Но, по кандидатурата на претставник на Централниот одбор на опозициската СДСМ за градоначалник на Карпош (н.з. Стевче Јакимовски), како и поднесувањето на кандидатски листи од други партии од опозициската коалиција која бојкотира, заедно со независните кандидатури на поранешни високо позиционирани членови на СДСМ, многу ја менува сликата за ситуацијата. Ова е пораката од висок извор на Европската комисија денеска му ја пренсе на дописникот на МИА од Брисел, инсистирајќи на анонимност.
Според овој високо-позициониран лик во врвот на Комисијата, кандидатурите на поединци од коалицијата на СДСМ покажува дека Македонија нема политички проблем, туку дека една партија има внатрешни проблеми и дека токму по прашањето за бојкот се дели, што дава една поинаква слика за последните настани и воопшто за т.н. политичка криза во земјата. Токму затоа, претстојниот Специјален извештај на ЕК може да биде позитивен и истиот да се базира на превземените чекори во однос на добрососедските односи, прашањето за името и резултати од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), каде само би било нотирано дека „една политичка партија ги бојкотирала локалните избори и функционира надвор од парламентот“, за што би била изразена загриженост, но во целост не би го загрозил извештајот и препораката за отпочнување на пристапни преговори за членство во ЕУ.
Во контекст на ова, Петер Стано, кој е портпарол на еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, денеска ја поздрави средбата меѓу премиерите на Македонија и Бугарија, Никола Груевски и Бојко Борисов, која се одржа пред два дена во Скопје.
– Добрососедските односи се многу важни, како за Европската комисија, така и за земјите кои се инволвирани во едно такво отворено прашање. Ние вложуваме силен фокус и големо внимание за тоа како добрососедските односи се подобруваат и овој состанок меѓу двајцата премиери е нешто многу позитивно оти е чекор напред во наоѓањето начин како да се подобрат добрососедски односи. Многу е позитивно што се одржа ваков состанок, истакна Стано.
Во врска со завршувањето на рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори во Македонија и бојкотот на дел од опозициската коалиција, но и нивната внатрешна поделба во по ова прашање, гласноговорникот на Комисијата посочи на последната порака од неговиот шеф:
– Мислам дека комесарот Филе даде најдобра оценка во неговата изјава минатиот петок во врска со одложување на посетата на Скопје. Немам што ново да додадам, туку само ќе се повикам на последниот параграф од оваа изјава, а тоа е дека императив за сите политички лидери во Скопје е да превземат одговорност во наоѓање на решение, демонстрирајќи зрелост на демократските инситуции и ставајќи го интересот на земјата и граѓаните на прво место. Најважно е политичките партии и нивните лидери да превземат одговорност да се најде решение, оти сето ова го опструира движењето на земјата напред и не може да одите напред ако ова не се реши, порача Стано,
додавајќи дека во интерес на земјата е да се стави европската агенда на прво место.