Кандидатот за градоначалник на Македонска Каменица од СДСМ Соња Стаменковска, денеска на прес-конференција и во пресрет на вториот круг за избор на градоначалник, порача дека предноста од 166 гласови од граѓаните во првиот изборен круг и дава верба дека Македонска Каменица може да се изгради во општина за сите граѓани.
– На 15 октомври сите заедно победивме во нашата општина. Покажавме дека знаеме што сакаме, знаеме мирно да го искажеме својот глас и знаеме да поддржиме програма која носи проекти и решенија за нашите заеднички проблеми. Нашата советничка листа веќе има мнозинство во Советот на општината и заедно со мене како иден градоначалник ќе работи на враќање на животот во Македонска Каменица, за сите. Ерата на локални шерифи заврши. Новата локална власт ќе биде вистински сервис на граѓаните. Ја отвораме локалната самоуправа за да може секој граѓанин да добие навремени, квалитетни и евтини услуги. Воведуваме нов модел на отворена и услужна локална самоуправа, општина за сите, рече Стаменковска.
Таа порача дека гласовите од граѓаните ја обврзуваат да се продолжи со работа со уште поголемо темпо за подобра Македонска Каменица и поубаво утре.
– Да излеземе и на 29 октомври да дадеме поддршка на вистинските вредности и идеи за нашата заедничка Македонска Каменица и да го заокружиме бројот 19. Сите заедно да се обединиме околу идејата за создавање заедница на успешни и среќни граѓани, истакна Стаменковска.