Иницијативниот одбор за ослободување на Томислав Кежаровски, кој од денеска започна штрајк со глад, итно бара новинарот да биде пуштен, да се брани од слобода.
„Длабоко сме загрижени од веста за штрајкот со глад на новинарот Кежаровски и бараме итно да биде пуштен да се брани од слобода. Потсетуваме дека условите за тоа се исполнети: заврши распитот на сведоците во случајот за кој е притворен нашиот колега, а дадена е и имотна гаранција.
– Штрајкот со глад на Кежаровски, во услови на негова кревка физичка и психичка состојба мора да биде аларм за надлежните кои веќе два месеца одбиваат да ги слушнат барањата на домашната и меѓународна медиумска заедница. Во спротивно одговорноста за состојбата на новинарот паѓа на судската и извршната власт и на сите државни институции кои одбираат да го игнорираат овој преседан во историјата на македонскиот журнализам, велат од ССНМ, ЗНМ и МИМ.